Зошто сакаме "гласна" храна?

Звукот на храната влијае врз нејзиниот вкус, вели нова студија. Она пак што нам и до сега ни беше јасно е дека едно е кога ти сам ја крцкаш, а друго е кога некој тоа ти го прави на уво.

Пенењето на тукушто отворено пиво, крцкањето на чипсот или звукот кој го произведува гризнат морков, има големо влијание врз тоа како размислуваме во врска со вкусот на овие типови храна.

Перцепцијата на вкусот е мултисетилно искуство - кога храната „шепоти" тогаш тоа го чувствуваме како таа да е „гнетава". Ова во тврди нова студија објавена во списанието „Вкус" (Flavour), чиј автор е Чарлс Спенс, професор по експериментална психологија на Универзитетот Оксфорд. Според него, дури и кога не се свесни за тоа, луѓето употребуваат придавки кои го опишуваат звукот на храната за да опишат дали и колку е таа вкусна. „Крцкава" бил најчестиот опис по кој посегнувале луѓето кога им било дадена задача да опишат 79 вида храна, што истовремено го означува чувството кога се загризува, но и звукот којшто таа го испушта. Во претходна негова студија, Спенс покажал дека луѓето различно ги проценуваат и газираните пијалоци врз основа на тоа колку се гласни меурчињата - колку погласни и почести звуци на „пукање" на меурите, толку повкусен пијалок.

Зошто -  на ниво на биологија -  звукот на храната би ни бил битен? Како прво, звукот е показател на текстурата и оттаму на квалитетот, односно на свежината на храната. Ако јаболкото „пука" кога ќе го загризате, наместо да се слуша некој тап и лигав звук, тогаш тоа е добар знак. Слично важи и за лебот, кој тазе излезен од печка има крцкава корка.

Сите овие моменти, дури и на интуитивно ниво, се користени во маркетингот на различните видови храна, но според Спенс таа комерцијализација на прехранбените звуци допрва ќе земе замав, со модификации на структурата на храната, но и со повисока свест за влијанието на звуците врз перцепцијата на она што се јаде - на пример ако додека јадете италијанска храна додека слушате иста таква музика, тоа би требало потсвесно да влијае врз вашето чувство за „автентичност" на храната. И има логика, замислете јадете зелник и пинџур со звуците на Ријана?

Во прилог, 45-минутно видео (повеќе аудио) под наслов „Природни звуци", коешто се состои од само еден кадар - пржење сланина

27 март 2015 - 14:58