Митот за лесно и брзо готвење

Амазон има над 8.000 наслови во делот за рецепти за брзо и лесно готвење, Џејми Оливер во 2011-та издаде книга со 30-минути рецепти, па за некоја година тајмингот го намали на 15, и сето ова се базира илјадници рецепти кои претпоставуваат дека секој дома има направено и чува замрзнат пилешки бујон, или дека има резерва од калабријански зејтин со чили.

"Проблемот е што ништо од ова не е лесно. Ниту 1-минутното тесто за пита или брзиот чипс од кел, или Масаман кари, кое комплетно се прави од нула, од состојки кои се избрани и купени и донесени дома и миени, лупени, сечкани, мешани и зготвени," пишува Елизабет Дан за Атлантик.

Идејата за брзо готвење тргнува од САД некаде во 50-те, поткрепена од тогаш веќе индустриското снабдување со храна и појавата на најразлични електрични уреди за во кујна.

"Пред ова, книгите за готвење јасно го признаваа тоа што секоја домаќинка веќе знаеше дека е вистина: односно дека хранењето луѓе е тешка работа, и после умираш," објаснува Дан.

Целата работа околу готвењето станува проблематична околу 80-те, кога масовно почнуваат да се избегнуваат конзервирани состојки, за сметка на свежите состојки, ама на рецептите и понатаму остануваат "брзо и лесно" обележјата.

Дан го споменува рецептот од поглавјето за брзи салати од книгата In & Out of the Kitchen In 15 Minutes or Less, од 1995. Рецептот кој полни цела страна, во овие 15 минути или помалку, меѓу другото бара да се издроби лук, да се исечка босилек, да се извадат семките и тенко да се исечка краставица, на ситно да се исечкаат два кромида.

Еден од проблемите кој се проткајува низ индустријата на книги за готвење е што нив се повеќе ги пишуваат професионални и школувани готвачи кои објавуваат рецепти кои се адаптирани од нивните ресторани, во кои обично легии готвачи работат по 12 часа на ден за да подготвуваат храна. Разидувањето во стартните точки меѓу авторот и готвачот во обид е само надополнето со изборот на егзотични состојки на чие собирање треба да претходи сафари по супермаркетите, "За'атар? Јузу сок? Персиска краставица?" Наспроти ова до пред 3 децении книгите за готвење и рецепти ги пишуваат самоуки домашни готвачи.

"Брзото готвење ретко доаѓа од рецептот, колку што доаѓа од интуицијата изградена од часови и часови 'рмбање во кујната. Потребно е родителите да вложат малку труд и да ги вклучат своите деца во подготовката на храна, и можеби враќање на предметот домаќинство во основните училишта," објаснува авторката.

25 ноември 2015 - 14:45