Како фрижидерот ги упропастува Американците

Просечниот американски фрижидер има зафатнина од околу 620 литри, во Европа просекот е околу 300 литри. Ова директно влијае на комплетниот начин на живот на двете страни од Атлантикот.

Иако американскиот просек е 620 литри, моментално тенденцијата е кон уште поголеми фрижидери од 730 литри, иако не е мала побарувачката и на уреди од 850 литри.

Во 2001-ва Американците ги менуваат енергетските стандарди и воведуваат поекономични фрижидери. Меѓутоа мнозинството фрижидери во земјата се произведени пред 2001-ва, а нивната потрошувачка се движи меѓу 1.000 и 1.750 киловат-часови годишно. За споредба, просечниот лаптоп троши 72 киловат-часови годишно (на пример кај новиот Мек Ер потрошувачката е намалена на 25).

ЕПА, Агенцијата за заштита на околината, пресметала дека оваа потрошувачка на енергија е еднаква како секој сопственик на ваков фрижидер да запали 190 литри бензин.

Освен за енергијата, големината на фрижидерот директно влијае и на тоа како Американците трошат пари и колку јадат. Следејќи членови на еден клуб на купувачи, професор од Корнел заклучува дека луѓето кои имаат повеќе храна дома и повеќе ќе јадат, а количеството на храна што го купиле е директно поврзано со големината на фрижидерот што го имаат.

Купувањето на големо и семејните пакувања, наместо почесто одење до продавница, се и една од причините зошто Американците фрлаат околу 25% од храната и пијалаците што ги купуваат (кога имаш голем фрижидер купуваш многу, кога купуваш многу не можеш се да изедеш, кога не можеш се да изедеш фрлаш храна).

Забелешката на Американците е и за погрешното користење на фрижидерите, и дека воопшто нема потреба во нив да се става: зејтин, оцети, соја сос, лути сосови, мед, кафе, леб и слично, а дел од зеленчуците (кромид, компир, лук) многу побрзо мувлосуваат во фрижидер, отколку надвор.

30 јули 2014 - 11:53