Смартфон во раце на Трамп (по дефиниција) е опасна работа

Доколку новоизбраниот претседател на САД инсистира да го задржи сегашниот телефон, тоа ќе биде сериозен ризик за безбедноста на земјата, порачуваат експерти. А и општото правило вели дека на будала не му треба паметен телефон.

Акивноста на Доналд Трамп по социјалните мрежи сугерира дека тој и натаму користи регуларен Андроид-уред. Софтверот на Гугл е доста податлив за хакери, кои можат да ја пресретнат комуникацијата или да ја преземат контролата врз камерата, микрофонот или геолокацијата со едноставни трикчиња како што е кликање на малигно линкче. 

Од тие причини и Обама мораше да се откаже од својот омилен Блекбери и му беше даден бејзик мобилен од кој можеше само да зборува или да симне пар дефинирани апликации од министерството за безбедност. Нема сурфање, нема селфи, нема музика, ништо.

„Ги знаете оние лажни телефончиња со стикери што им се даваат на тригодишни деца? Е таков ми дадоа“, му се пожали Обама на Фалон. 

За разлика од Обама, Трамп своевремено најави дека ако влезе во Белата куќа, нема да сака да се откаже од својот телефон бидејќи без него би се чувствувал отсечен од светот.

Има Самсунг Галакси.

29 ноември 2016 - 09:19