И немој сите пари на иста книжара да ги трошите

За да ги потсети младите дека „културата може да го збогати животот и да ги спои луѓето“, италијанската влада на сите тинејџери за 18-тиот роденден ќе им дава по 500 евра за книги.

Проектот започнува од 15 септември, а ваучерот освен за книги може да се користи за кино, театар, музеј, опера и патување во национални паркови. Ќар од одлуката се очекува да имаат околу 575 илјади италијански тинејџери, ова ќе го чини буџетот 290 милиони евра, а според властите се исплати секое евро што ќе се потроши.

„Иницијативата испраќа јасна порака до младите, потсетувајќи ги дека припаѓаат на заедница што им посакува добредојде по достигнувањето полнолетство.

Исто така ги потсетува колку е важна консумацијата на културата, за збогатување на самиот себе како човек и за засилување на самиот крој на нашето општество“, изјавува за Кориере парламентарниот потсекретар, Томасо Наничини.

18-годишниците ќе можат да ги добијат парите преку апликација, симнувајќи ваучери на своите смартфони, кои потоа можат да ги искористат онлајн или во физичките продавници.

Ако се добри, во 2017 ист ваков бонус се планира и за италијанските учители, кои парите ќе можат да ги потрошат на професионален развој.

24 август 2016 - 15:56