Зошто Де Ниро се брука со оние глупи филмови?

На планетава во моментов веројатно нема актер со толку легендарно портфолио. Ловец  на елени, Таксист, Кум, Разјарениот бик... Па сепак, Роберт Де Ниро со години и упорно го сере тоа свое наследство, глумејќи инфантилни ролји во куп боза филмови. Не можеше ли овој наш јунак да реши да старее како Џин Хекман или Шон Конери?

Еве неколку опскурни филмски наслови од последните 4 години:

  • The Bag Man. Heist. Killing Season. Red Lights. Being Flynn.

Еве некои бројки од кино приходите:

  • $56.000; $50.000; $39.000; $52.000; $540.000.

Еве неколку резултати од Ротен Томатос:

  • 23%; 10%; 11%; 29%; 51%.

Еве едно име кое го обединува сето ова погоре:

  • Роберт Де Ниро

Не дека сите негови последни филмови беа неуспех. Silver Linings Playbook помина одлично (глобална заработка од 236 милиони долари на буџет од 21 милион), The Intern собра 194 милиони а беше направен за 35 а не минаа лошо ни The Family, The Big Wedding и Grudge Match. Но остатокот од неговите последни дела (а ги има еден куп) или едвај успеаа да ги покријат производните и адвертајзинг трошоци или пак студијата се откажаа од "камшикување на мртвиот коњ" (кога едно студио ќе процени дека цената за маркетирање и дистрибуција нема да биде оправдана со можните дополнителни приходи, поддршката на филмот тивко ја снемува).

А просто е неможно да се сумира неговиот актерски габарит кој не го опишуваат ни добиените Оскари ни другите бројни други награди. Само она што го направија заедно со Скорсезе (девет легендарни филма) е доволно да биде јасна неговата почесна улога во албумот на бесмртните ликови од филмското платно. Во последните децении од минатиот век Де Ниро беше она што беше Брандо некоја деценија порано или пак Клерк Гебл во ерата на класичниот филм.

А последниве 15-тина години, упорно и најтрудољубиво во свет го карикира својот статус.

Во ЛА Тајмс за тоа напишаа:

Еден од најголемите актери на нашето време се изгуби во блуткави и бесмислени комедии.

На истата тема Пирс Морган ќе рече:

Да бидеме искрени, последните улоги на Де Ниро на големото платно се травестија на неговиот талент.

Зошто побогу тој толку глуми? Не е Николас Кејџ па да го разбереш (заради неговите славни долгови и финансиски утки, последните филмови на Кејџ ги ставаат во жанрот "running from bankruptcy"). Ниту пак е мрзлив да се зафати со некоја поамбициозна ролја. Напротив, човекот изгледа како да ужива да глуми и како да не може без тоа.

A малку и има право. Во 2012- та го прашаа истото. Одговори: "Има еден филм кој многу сакам да го правам, со Скорсезе, но е закажан дури за две години. A јас морам да бидам во кондиција и да бидам на нозе во тие две години". Штосот е, 4 години подоцна, тој ист проект со Скорсезе (Irishman) уште е во фаза на планирање.

Добро, ама зошто глуми во толку глупи филмови? На хартија добар дел од нив не изгледаат воопшто глупи. Being Flynn (2012) е базиран на мемоари кои добија ПЕН награда, The Family е режиран од Лук Бесон а и Мишел Фајфер е во него, на The Bag Man може да се гледа како на постмодерен ноар темелен на психологијата на Јунг.

Вашингтон Пост го опиша тоа како своевидно проклетство на филмските избори на Роберт Де Ниро: да се имаат вистинските состојки, рецептот да биде солиден а резултатите секогаш да испаднат блуткави.

Коментатор на Гардијан му предложи да се угледа на некои свои колеги за да сфати како се старее достоинствено. Како на пример Џин Хекман кој реши да избега од буката и гламурот на Холивуд за во мир да пишува мемоари или пак Шон Конери кој ја мези својата зрелост во својата грчка вила.

"И двајцата во некој момент веројатно погледнале зад себе и помислиле: Па по ѓаволите со сето ова, животот е прекраток, дури и во Холивуд мора да постои нешто како пензионирање"

Реј Лиота (кој глумеше со Де Ниро во Goodfellas), исто така е во позиција во која се наоѓа секој актер во поодминати години. Тој во последно време се изнаигра во мали и независни филмови за да ја задоволи професионалната страст за различни ролји:

"Малите филмови ми даваат две убави можности: да ја имам главната улога а и да бидам во сцена со жена а да не мора да ја задавам", рече човекот кој во големите филмови главно играше гангстер.

Де Ниро е здрав, витален, обожава да глуми, па - зошто да не го прави тоа? Преголем е да се секира за негативите реакции во јавноста кои баш и не ги следи. Кога еднаш го прашаа за судбината на филмот What Just Happened, простодушно призна: "Баш и не знам што се случи со тој филм, како го дистрибуираа и слично".

А да бидеме искрени, сите што имаме чувство дека Де Ниро во последно време "нè издаде", мора да признаеме дека легендарните филмови заради кои и го засакавме - денес не би ни можеле да бидат снимени. Бидејќи денес е време на блокбастери, сценарија во кои драматуршките заплети се упростуваат за да можат да бидат разбирливи за глобална публика, а најважни во филмот се моментите кои можат да бидат искористени во трејлерот на филмот

"Го сакам Де Ниро" во 80-тите беше стејтмент. А денешното "Го мразам Де Ниро заради глупите филмови во кои игра" е надмено, очекувано и некако премногу консензуално.

Да се сака Де Ниро во 2016-та значи да не се даваат пет пари за тоа што луѓето мислат и за него и за твојот вкус. Исто како што и Де Ниро пет пари не дава за тоа.

А и немојте да кажете дека тој негов сурат и оние 5-6 стадардни фаци што ги има на лагер не се апсолутно шармантни и неповторливи.