Колку е вистинита Татковина, според агенти на ЦИА

Понатамошниот текст содржи масовни спојлери за 4-та сезона од серијата. Автори се Чак Коган и Џон МекГафин, кои заедно имаат 60 години оперативно искуство во ЦИА. Коган е поранешен раководител на оперативната дивизија на ЦИА за Средниот Исток и Јужна Азија, додека МекГафин е поранешен заменик директор за операции на ЦИА, и поранешен раководител на оперативната дивизија Централна Евроазија, а исто така е и консултант за 4-та сезона. Пак, многу спојлери.

Пофалбата од нив е дека 4-та сезона се случува во вистинска држава, Пакистан, а не во некоја измислена "Руританија," и се соочува со реална терористичка група, мрежата на Хакани. Плус за тоа што серијата успева прецизно да ја претстави мисијата, интензитетот, брзината, контрадикциите и комплексноста на една ЦИА станица која е вклучена во смртоносна битка со терористи.

Иако серијата не ја доловува баш најточно праксата на ЦИА, тоа е прифатливо бидејќи сепак станува збор за разузнавачка служба чии методи не се познати на непријателите и пријателите.

Забелешката е дека е малку веројатно дека докторите и раководството на ЦИА би и дозволиле на Кери со нејзините ментални проблеми да биде шеф на станица. Меѓутоа работата, луѓето и проблемите се речиси копија од реалниот живот.

"Речиси секој шеф на станица, во одредена мерка, бил во оваа ситуација:

1. Кери се обидува да се справи со дволична домашна влада и служба за врски чии вистински интереси и намери се различни од нејзината. Во реалност, не постои 'пријателска' разузнавачка служба. Сепак, ИСИ е најдобриот примерок за 'дволични.'

2. Нејзиниот успешен обид да најде лик во рамките на ИСИ (полковникот Аасар Кан) кој не се согласува со своето раководство и може да биде убеден да и помогне против неговата влада. Ова е сржта на секој процес за регрутирање на агенти, што денес е главниот крвоток на ЦИА.

3. Расправата на Сол со поддржувачите на војната и неговиот излив на емоции пред групата генерали во Пентагон, на кој неговиот нов цивилен работодавец се обидува да им продаде уште сервиси и оружја. На страна како тоа се прикажува во јавноста, офицерите на ЦИА се свесни за потенцијалните морални проблеми на нивната работа и со нив се борат на ист начин како Сол.

3. Фрустрацијата на Сол што веќе не е во игра и не може да придонесе за државата како што тоа некогаш го правел. Тој избира, како и голем број ЦИА пензионери, да најде слична работа - во случајот на Сол да биде обезбедување на Кери и нејзината станица.

4. Класичниот случај на посттрауматски стрес на Питер Квин кога ги напаѓа двајцата во ресторанот што ја исмеваат неговата девојка е екстремен пример на стрес под кој се наоѓаат ЦИА оперативците кога ќе се вратат по задача во странство. И како што покажува епизодата, ЦИА исто така ќе обезбеди психијатриска помош за него.

5. Загриженоста на Кери и Питер за легитимноста на изворот чија дојава доведе до бомбардирање на свадбата. ЦИА оди до крајни граници за да открие колку е сигурен и прецизен секој нивен извор. Добрите разузнавачки информации доаѓаат од повеќе извори и типови (човечки, технички и јавни) на информации кои се споени во едно. Информации од 'еден извор', како што Кери ќе го открие тоа во првата епизода на сезоната, се многу опасна работа.

6. Внатрешното измачување на Сол со идејата дека ќе стане клучниот фактор за ослободување на оперативната мрежа на Хакани, брилијантно го доловува клучниот императив на секој офицер - заштити ги своите извори без разлика на цената и фокусирај се на мисијата."

Според двајцата серијата одлично го има претставено првиот човек на ИСИ, пенџапскиот генерал кој е совршен приказ на оваа елитна пакистанска група: висок, доминантен, со длабок глас и облечен за приликата по најофицијална лондонска мода.

Тие исто така ги отфрлаат сите забелешки на серијата од "информирани набљудувачи," дека агенти никогаш не би користеле мобилен во рамките на станицата, или дека Вашингтон треба да биде известен за секој чекор, или дека не би зборувале за оперативни детали во необезбедена околина. Двајцата објаснуваат дека овие "набљудувачи" очигледно "не биле пред вистински оперативен притисок и компромисите што времето и опасноста ги носат."

И покрај тоа што станува збор за пензионирани агенти, целиот текст морал да мине преку Бирото на ЦИА за ревизија на публикации, од каде побарале во текстот да се додаде дека мислењата и анализите изразени од авторите не преставуваат официјални ставови и позиции на ЦИА или која и да е агенција на американската влада.

 

17 декември 2014 - 16:00