2016, годината кога формулата на Холивуд престана да работи

Летото е периодот кога Холивуд ги прави премиерите на своите најголеми и најскапи проекти, од кои за возврат се очекува да донесат приходи во горните граници на 9-цифрените суми, а ако баш сè-сè тргне како што треба и да префрлат накај 10-цифрени. Годинава изгледа како да пресисаа.

Официјално се води како летна сезона, и рокот на траење и беше од крајот на мај до крајот на јули, меѓутоа овој периодот постојано се проширува со цел да го опфати се поголемиот број блокбастери што ги издаваат студијата. Годинава почетокот беше некаде во март со премиерата на Бетмен против Супермен, и траеше некаде до средината на август.

Иако летово имаше некои успешни приказни на рециклирање стари идеи (Капетан Америка: Граѓанска војна, Наоѓајќи ја Дори и новиот Ѕвездени патеки), мнозинството филмови од генерацијата 2016 базирани на продолженија или римејк на стари дела "оставаа чувство на кино еквивалент на подгреан стар ручек."

"Меѓутоа најчесто овие верни продолженија едноставно беа уморни. Најголемиот дел од нив оставаа чувство дека постојат само затоа што мора да постојат. Тие од гледачот бараа да се појави чисто од љубов кон претходникот, а не затоа што новото продолжение има нешто ново или успешно да додаде.

Приказната најчесто изгледаше како да е во заден план, луксуз кој изгледаше дека е непотребен за вистинската мета на студијата: меѓународна публика на глобалниот бокс-офис," пишува Питер Садермен во Вокс.

Како пример за ова што го збори, тој ги наведува Воркрафт и второто продолжение на Денот на независноста, кои одлично минаа на кинескиот бокс-офис. Првиот беше базиран на видео игра со огромен број на играчи во Кина, а за вториот беше избран режисер кој одлично минува во Кина, и вклучуваше голем број кинески актери.

"И двата филма ги претставуваат најлошите тенденции кај модерните филмови со огромни буџети, кои се базираат на скапи но најчесто сирови специјални ефекти кои треба да ги покријат безвезните приказни," порачува Садерман.

Тој нагласува дека не е проблемот кај кинеската публика или нејзините очекувања, проблемот е што Холивуд е мрзелив во угодувањето на гледачите вон САД, "што ги прави филмовите полоши за сите."

Ако е некакво оправдание за студијата, денешните "носечки" филмови се толку скапи, што тие не можат да ризикуваат со нови и непроверени концепти, и мора да гледаат да ја привлечат секоја можна публика.

Порано блокбастер била етикета за филм чија продукција чини над 100 милиони долари. Во 2016 со буџет од 100 милиони добиваш режисер од втора класа и евтин римејк чија премиера е на крајот на август. Продукцијата на најголемите франшизи денес чини над 200 милиони, а кај одредени проекти и над 300 милиони.

"Презастапеноста на блокбастери е причината зошто летната филмска сезона сега е развлечена преку пола година, и зошто е толку тешко за носечките филмови да направат нешто кое може вистински да нè возбуди или воодушеви или восхити. Ова ќе бара од студијата да ризикуваат, проектите со големи буџети да бидат сигурна работа. Меѓутоа како што летото на 100 милионски неуспеси и разочарувања покажа, добар дел од работите кои претходно беа сигурни во Холивуд, повеќе не се сигурни," објаснува Садерман.

6 септември 2016 - 10:22