Табуто на родителите што се пишман што имаат деца

Денот кога Викторија Елдер го раѓа своето дете, во истиот момент кога ѝ го ставаат бебето во раце таа „чувствувала и сè уште чувствува дека направи грешка“. Важната дистинкција е дека таа ја сака ќерка си, ама сепак мисли дека направила грешка.

Елдер со својата 18-годишна ќерка

Запрашана од новинарката на Гардијан дали кога би можела да се врати во времето, би се одлучила да нема деца, одговорот на Елдер е „дефинитивно“.

Нејзината исповед е дека иако цел живот ги чува своите помали братучеди / братучетки, таа е без никаква желба да има дете. Одеднаш некаде во доцните 20-ти години од никаде добива нагон за дете. „Во првиот момент кога ја ставија ќерка ми кај мене во раце, помислив 'О, не. Што направив? Ова е голема грешка.'“ За да нема забуна, Елдер повторува дека ја сака ќерка си, и дека ништо од тоа што чувствува не е вина на ќерка ѝ, туку дека таа самата се доживува дека во никој случај не би требала да биде родител и дека не ни сака да биде родител.

Слично искуство има и Сара Фишер, фотографка и авторка на книгата Лагата за среќната мајка: И зошто повеќе би претпочитала да сум татко. Таа исто како Елдер, имала успешна кариера пред да стане мајка, меѓутоа за разлика од Елдер таа се пораѓа некаде кон крајот на 30-те години.

Освен што се чувствува комплетно неуспешна на позицијата родител, Фишер во книгата го дава следниот аргумент против мајчинството: „Реалноста на мајчинството е неконзистентност, досада, здебелување, виснати гради, депресија, крај на романсата, недоволно спиење, оглупување, пад во кариерата, немање желба за секс, сиромаштија, истоштеност и ништо не те исполнува.“

„Жалењето што имаш деца не е тема која е лесна за муабет. Општеството претпоставува дека жените, посебно, се чувствуваат воздигнати што ќе станат родители. Социјалните медиуми само го засилија ова: затегнати тела после породување на Инстаграм; селфија на мајки со децата на Фејсбук; мајчинството стана алтернативен идентитет наместо издигнување на ново ниво. Голем број луѓе се противат на претворањето на родителството во производ, или на тешкотијата за постигнување баланс меѓу работа и приватниот живот. Многумина го презираат ребрендирањето на мајчинството, меѓутоа малкумина јавно жалат што станале родители“, пишува Стефани Марш во текстот за Гардијан.

Остатокот од разговорите на Марш со родители што се каат што имаат деца, тука.

15 февруари 2017 - 10:50