Мажот што ограби банка за да се спаси од жена му

Бирајќи меѓу служење затворска казна со почитување на основни човекови права, и служење брак без никој да ти гарантира правото на мир и раат од сопругата, Американецот Лоренс Рипл се решава за полесниот излез - право во затвор.

Рипл кој е тазе пензиониран како што налагаат околностите почнува се повеќе време да минува со сопругата со која повеќе од 20 години е во брак. Ваквиот стаж посебно почнува да се згуснува откако Рипл прави операција на срце по која мора да лежи дома за да закрепне. И покрај неговата кревка состојба, Рипл и сопругата, Ремедиос Рипл, речиси и да не пропуштаат ден а да не се испокараат.

"Сакаше само да го уапсат и да се куртули. Му беше збогтисано и му требаше малку мир во главата. Лудо е ама немаше каде да оди на друго место.

Таа цело време му бараше скачка. Мислам дека овој пат му прекипе. Некои мажи може и ќе ја зашлапаа или ќе ја тепаа, ама Лари не е таков човек... па тој отиде во банка и направи тоа што мораше за да се спаси од неа," ја пренесува Дејли бист изјавата на роднина на Рипл.

На 2-ри септември минатата година Ремедиос му се сипа на сопругот затоа што сушалната не била поправена.

Дејли бист го пренесува она што следува по оваа расправа:

"Без никаква волја уште еднаш да се расправа 70-годишниот маж напиша една белешка пред неговата сопруга. Потоа си замина од куќата, кажувајќи и дека попрво би да е во затвор, отколку таму да мине уште еден ден.

Во 14:30 истиот ден, Рипл влегува низ вратите на Банката на трудот, на еден блок од седиштето на полицијата во Канзас сити, и рачно ја предаде заканувачката порака што ја напиша пред својата сопруга.

Според обвинителството на листот пишува 'Имам пиштол, дајте ми ги сите пари.'

Шалтерскиот работник на ограбувачот, кој не бил вооружен, му дава 2.924 долари.

Наместо да бега со пленот, Рипл само седнал во лобито на банката, и разговарал обезбедувањето на банката.

Како пациент што се отвора пред психијатар, Рипл на девојката од обезбедувањето и рекол дека 'тој е човекот што го бараат за грабежот на банката' пред да и ги предаде украдените пари.

Откако е уапсен Рипл и на полицијата и на ФБИ им кажува што брачни проблеми има. Па објаснува како му е преку глава да биде под постојан бараж од жена му."

На првото рочиште Рипл изјавил дека е виновен. За неговото дело обвинителот би можел да бара до 20 годините тешка казна затвор.

За уште повеќе да ти се одмили главниот негативец во приказната, според роднините проблемите со сопругата се влошиле посебно откако почнало да им снемуваат пари, затоа тоа што таа исто така имала и проблем со коцкање, па тие редовно доцнеле со исплата на рати за кола или хипотека за куќа.

Што се однесува на идниот затвореник, него роднините го опишуваат како "постојано напизден, ама знаеш дека длабоко во себе тој е добар човек".

4 март 2017 - 18:03