Совети за руски туристи: Не ги споредувајте Кенијците со мајмуни

Руското министерство за надворешни работи издаде брошура со упатства за тоа што Русите кои патуваат во различни земји треба, и уште поважно, не треба да прават за да не дојде до недоразбирање или конфликт со мештаните. Главна препорака за оние кои доаѓаат на овие простори е да пазат на зборовите кои содржат пичка и кур.

Како пример за тоа одбрана е Србија па се појаснува дека во оваа земја, наведените делови од зборови можат да бидат погрешно протолкувани бидејќи на локално ниво се користат за вулгарности со сексуална конотација. Работата станува појасна ако се знае дека чкорче од ќибрит на руски се вика спичка а кокошка е курица. Има и други незгодни едначења по звучност. Српската гордост (понос) на руски значи пролив.  

Втор совет за Руси кои ќе се најдат во овие краеви е да не ги брзаат луѓето кои работат во областа на давањето услуги. Ако во глава имате слика од охридски келнер, ваквиот совет звучи оправдан.

Кенија: Не ги споредувајте со мајмуни

Министерството инсистира на оние совети за своите граѓани поврзани со однесувања во врска со нетрадиционалните сексуални ориентации и бојата на кожата. Во упатството за Кенија се наведува: „Максимално остра реакција може да предизвика споредувањето на жителите на Кенија со мајмуни и понижувачки споредби за нивната интелигенција“. Но не е само тоа: „Ако во текот на еден разговор, со средниот прст бодете Кениец во гради, можно е да се очекува агресивен одговор“. Зошто еден Русини во муабет би бодел Кениец во гради со среден прст, не се открива.

Шпанија: Не се фаќајте за сексуални малцинства

Со оглед на тоа што во Русија две третини од населението има негативен став кон ЛГБТ популацијата, министерството ги предупредува граѓаните дека во многу европски и западни земји негативен однос кон сексуалните малцинства нема да наиде на разбирање па треба да се избегнува.

Канада: Не се исти со Американците

Иако делат ист континент и јазик, руското министерство ги потсетува своите граѓани дека Канаѓаните не се Американци и дека канадскиот идентитет има свои специфики во однос на американскиот. Исто така се вели дека мрсните машки вицови тешко проаѓаат во Канада.

Франција: Не им се правите Французи на келнери

На Русите им се препорачува во ресторан да побараат мени на англиски или евентуално руски јазик. Доколку на француски келнер му ги изговарате нарачките на француски јазик, а тоа го правите лошо, може да дојде до конфликти ситуации бидејќи Французите држат до правилното изговарање на нивниот јазик.

Данска: Посебна претпазливост!

Судејќи по руската дипломатија, во таа земја човек треба да биде особено внимателен што зборува и што прашува. Се препорачува држење дистанца во текот на конверзацијата и избегнување на прашања за висина на платата, работата, сексуалната ориентација, верската и етничка припадност и воопшто што и да е од личниот живот. Најдобро е Русин да си ќути, ништо да не прашува и да си гледа тоа вотката.

Тајланд; Не ги галите мажите по глава

Русите се предупредуваат ни случајно „да не галат Тајланѓанец по глава и да викаат по него бидејќи во тој случај човекот ќе престане да прави било што за вас, дури и кога тоа би му било непосредна обврска“. Зошто воопшто би го галеле па потоа би се дереле по него, нејасно. Mожеби ќе откриете во оригиналниот текст.

1 мај 2017 - 07:28