Американските избори ќе бидат прекинати?

Поради низа неправилности во гласачкиот процес при што најчеста појава е заокружувањето на името на кандидатот со користење на крајно неправилна кружна форма, како и бројните случаи на полнење на гласачките кутии во корист на само двајца учесници во трката, познавачите велат дека е можно претседателските избори да бидат прекинати. За попладне ДИК најави прес конференција.

Во повеќето изборни единици, гласачките изборни места беа отворени навреме иако на некои места се доцнеше, бидејќи беа забeлежани траги од хулиганско однесување и графити од типот "Sandy was here!"

Традиционално, најрано гласаа пензионерите кои бавно но упорно го искористија своето право на глас по што ефикасно се распрскаа по околните пазари и клупи.

Во месноста Аперфак (збратимена со нашето Горно Дупени), општина Вајоминг, забалежана е појава на организирано негодување на највозрасните од големината на буквите со кои се напишани кандидатите. Незадоволството брзо стивнало а групата била распрскана откако чуварите на редот им ја пуштиле информацијата дека во аптека се стигнати ефтини лекови за реума.

Се разбира, први на овие избори и овојпат гласаа војниците. За да стигнат навреме нивните гласови од блискиот Ирак и уште поблискиот Афганистан, тие гласаа во јули минатата година.

До изборната комисија стигнаа поплаки дека некои работодавци не ги пуштиле своите вработени да гласаат. Од страв да не ја изгубат работата, таквите инсистираат да останат анонимни иако истакнуваат дека "проклетите мапи во новиот Ајфон не се нивна грешка".

Убавиот сончев ден го искористија и кандидатите Барак Обама и Мит Ромни. Обама гласаше во своето родно место Кенија, Охајо, a Републиканецот Мит Ромни својот глас го даде во изборно место во фабрика затворена од извесен бизнисмен Мит Ромни.

За да не го нарушат непостоечкиот изборен молк, двајцата кандидати беа претпазливи во своите изјави. "Сетете се кој го отепа Бин Ладен. Ако треба, пак!", загадочно вети Обама додека Мит Ромни на гласачите им остави простор слободно да го изберат својот следен и "побел од сегашниот" претседател.

Но, убавиот сончев ден, за жал, го искористија и оние на кои не им одговара во земјата да се одржат демократски избори. До државната изборна комисија стигнаа бројни случаи на забележани нерегуларности: појава на зачестено позајмување на пенкалото од соседниот гласач, неправилна кружница околу името на кандидатот како и случаи на нарушена тајност на гласањето при што најдрастичен е примерот во селото Твитерсток (збратимено со наше Врапчиште) во кое членови на изборната комисија ги принудувале гласачите да ја соблечат својата традиционална носија, иако овие извадиле потврда дека доаѓаат од невладината организација Кју Клукс Клан.

Во двата изборни штаба врие како во кошница (види фото) или како во некоја друга луцидна новинарска метафора. Јавноста малку е шокирана од нивната досетливост. Имено, портпаролот на Демократите Whip Ickliski (збратимен со нашиот Бичиклиски) ја обвини опозицијата дека не бира средства да дојде на власт а гласноговорникот на Републиканците Flash Gordan (збратимен со истоимениот Георгиев) оцени дека оваа власт не бира средства да остане на власт.

Додека ги пишуваме овие редови, припадници на ОБСЕ за својот редовен термин најавија вонредна прес конференција, мониторите од организацијата Бриџ (филијала на македонската Мост) ги собираат податоците од терен и ќе излезат со свои податоци, Државната изборна комисија е во постојано заседавање а Кина и Русија неочекувано изразија желба да организираат општонародно славје.

Дали тензиите ќе стивнат, дали проблемите ќе бидат надминати а САД ќе успее да покаже капацитет да организира фер и демократски избори, запрашавме еден македонски експерт по меѓународна политика кој беше љубезен со нас да ја сподели својата стручна проценка:

"Тоа времето ќе покаже".

Останете со нас.

6 ноември 2012 - 14:48