кромид писмо од Владимир Путин

Фала ви што сте толку кул за сè

Како што знаете изминатите неколку недели беа луди. Минатиот месец, протестите во Украина го сменија про-рускиот претседател на земјата и тоа започна бран на украински национализам кој е закана за дестабилизирање на рускиот економски и воен интерес во регионот. Секако, не можев само да седам на страна и да оставам ова да се случи, заради што интервенирав и наредив насилно заземање на стратешки важниот полуостров Крим - територија со историски врски со Русија, која нашата нација одамна ја посакува.

Секако не е лесна задача да анектираш цела провинција наспроти волјата на друга држава, па би сакал да ви се заблагодарам - на владата на САД, на нациите од Западна Европа, и на популацијата на целиот свет - затоа што сте супер кул околу ова.

Момци сериозно, цело ова време сте феноменални. Сите вие. Навистина го ценам ова.

Да бидам искрен, навистина се плашев дека ќе има голема тепачка околу целата работа. Кога прв пат го осудивте заземањето на Крим како очигледно нелегално и спротивно на уставот на Украина - што апсолутно беше така - се плашев од најлошото. Ама тогаш сите застанавте на само еден чекор од преземање нешто што всушност би можело да спречи она што во основа беше грабање земја поддржано од државата, и само помислив "Овие се навистина опуштени момци!" Навистина беше големо олеснување за мене што оставија вака да минат работите.

Верувајте ми знам дека сигурно ви било тешко така мирно да седите од страна и ништо да не правите додека странска армија врши инвазија на еден од вашите сојузници, или само да седите и да гледате како организираме комплетна фарса од референдум - референдум надгледуван од тешко вооружени припадници на руската армија - и да го употребиме како основа за анектирање. Исто така не ви било лесно да бидат смирени кога ние праќавме командоси за да извршат упад во штабот на украинската морнарица на Крим. Ама вие навистина не направивте галама околу ова, и не би можел да ви бидам поблагодарен за тоа. Многу ми ја олеснивте работата, многу.

Тотално сум ви должен за ова, нема муабет тука.

Секако ми е јасно дека меѓународната заедница мораше малку да се спротивстави. Сепак мораше да изгледа како да се трудите дека се борите за украинскиот народ додека ние влегувавме со оклопни возила во нивната држава, јасно покажувајќи дека секое противење ќе биде казнето и во основа ја оставивме целата популација тотално немоќна пред интересите на поголема и помоќна држава. Тотално ми е јасно тоа. Ама ми олесна кога се решивте на што е можно побезопасна реакција, без никакви вистински реперкусии за мене или мојата влада. Навистина немате поим колку стрес ми падна од рамења.

Исто така разбирам дека како минува времето чувствувате притисок да свикувате состаноци на НАТО, да давате изјави во ОН, да се откажете од летниот самит на Г8, и такви работи. Јасно ми е дека сите тие работи се процедура која мора да ја следите, бидејќи навистина, во овој момент ги извадивте сите ваши карти на маса. Па би сакал однапред да ви се заблагодарам - искрено, од дното на моето срце - што овозможивте да можам да се концентрирам на правење што сакам во кој било од поранешните Советски региони, што е од геополитичка, воена или економска вредност за Русија, без притоа да треба да се грижам за какви било последици. Ви благодарам што тоа ми го направивте 100% јасно.

Има една работа што би сакал да ја кажам, и малку ми е глупо што ви го признавам ова, ама навистина на почетокот имаше момент кога бев уплашен. Во еден момент мислев дека ќе наметнете санкции на целата руска економија, ама тогаш видов дека санкциите се однесуваат само не неколку мои советници и неколку банки за кои не ми е гајле. Само да знаете какво олеснување.

Навистина целата работа заврши така подмачкано што единствено жалам што порано не знаев дека вие сте вака меки околу воени инвазии. Се чудам што толку време ми требаше ова да го сфатам.

Ама да ви кажам навистина ова не требаше толку да ме изненадува ако се има во предвид колку вие сте смирени околу тоа како се справувам со опозициски политички групи и независни новинари, сите оние протести за геј правата, па дури и целата работа од 2004-та кога се обидовме со сила да ги преземеме сепаратистичките региони во Грузија. Само тоа што знам дека сум слободен да правам што сакам - дека можам да игнорирам домашни и меѓународни закони и сите основни принципи на човековите права - ми олеснува еден тон стрес што доаѓа со носењето на овие големи одлуки.

Да ви кажам дека ако и јас некогаш треба да глумам дека овие санкции и предупредувања преставуваат некаква закана, или да глумам гнев со воведување на контра-санкции за американски законодавци, или да објавувам остри одговори на осудувањата на меѓународната заедница, не е проблем подготвен сум за тоа. Ја разбирам играта што ја играме, дека навистина размислувате за вистински санкции против мене. Сериозно, ваквата игра е најмалку што можам да го направам за вас, по се што ми дозволивте.

Само се надевам дека сите вие ќе продолжите да бидете толку фини и пријатни и во иднина, посебно што планирам да го превземам и остатокот од Украина во следните неколку месеци.

The Onion

21 март 2014 - 14:01