Последните видеоснимки од Ниче

Видеозапис од последните денови на Ниче, откако германскиот филозоф доживеа комплетен ментален колапс, тоест полуде. Нема ништо шокантно во снимките, па сепак се тажни и некако длабоко вознемирувачки.

На трети јануари 1889 година Фридрих Ниче доживува ментален крах, а двајца италијански полицајци го апсат откако на улица во градот Турин (Торино) направил некаков пичвајз за кој никогаш не се дозна што конкретно се случило. Варијанта која циркулира е дека видел како некој коњ го камшикуваат, па му се фрлил околу врат за да го спаси, по што се струполил на земја. 

Следните денови Ниче пишува кратки писма до многумина свои пријатели (познати како Лудите писма) кои ги потпишува или со „Дионис“ или со „Распнатиот“.

Неговата ментална болест е дијагностицирана како терцијален сифилис, доста честа дијагноза во тоа време. Подоцна дијагнозата во неколку наврати е оспорувана па се спомнуваат манично-депресивни пореметувања, васкуларни деменции или труење со жива, што било дел од третманот против сифилис.

Подоцна преживува неколку мозочни удари кои го оставаат парализиран и без способност за говор а по добиената пневмонија починува од фатален удар на 25 август 1900 година.

„Сите супериорни луѓе кои се осмелиле да го оковаат стариот морал и да воспостават нови закони, ако не се веќе луди, немаат алтернатива освен сами да се натераат да полудат или пак да се преправаат“ - Фридрих Ниче.

А не изгледа дека се преправа.

 

9 февруари 2017 - 15:24