Филм на Њујоркер

Со бегалците низ Македонија

Њујоркер има документарец од шест епизоди за патот на бегалците од Сирија. Третиот и четвртиот дел се за Македонија. Ги видовме, ги препорачуваме.

"Journey" го следи патешествието на Сириецот Абуд Шалуб и неговиот брат Амер кои се решени да стигнат во ветената Холандија. Во Атина им се придружува и една мајка со две деца која сака да дојде до Шведска.

Но, Балканот е најбезбедно да се минува во голема група.

Грчко -македонската граница ја преминуваат во поголема група од над стотина луѓе. Луѓето кои знаат дека никаде не се најпосакувани, седнуваат да одморат покрај ѕид на кој е напишан голем графит "Welcome." Во групата има и семејства, и многу мали деца кои знаат да спијат носени во прегратка и стари лица (еден од нив нема да издржи па ќе го остават на пат за да го најде амбуланта). Ги следи помала група за која не знаат што луѓе се, дали се крадци или и тие се исплашени од нив па држат дистанца. Па затоа патуваат како Индијанци, со семејствата на средина на поворката, каде што е најбезбедно.

Одење, акање, минување води, замивање во река, дилеми дали да се продолжи, набавување точаци.... Патем, од некој наш селанец добиваат виски, домашно виски, кое ние го познаваме под терминот ракија.

- Ќе ја минуваш Македонија по папучи? - го прашува авторот на филмот еден од бегалците.
- Не само по папучи туку и со куршумот кој сè уште ми е во ногата, - му одговара овој. 

Освен тоа децата чии лица се незаборавни, можеби највпечатлива сцена е онаа кога минуваат покрај ораници а еден од бегалците им вика на другарите да не газат по насадите.

И не само заради тоа, вреди да се погледне секоја минута од овие епизоди од најмалку две причини:

а) тоа е наша земја и се вика Македонија.

б) тоа се наши браќа и сестри и се викаат луѓе.

повеќе

26 мај 2016 - 10:06