Зошто ЕУ му се пушти на Гугл, а не и на Епл

На кратко, Европската Комисија одамна му го имаше удрено меракот на Гугл, па доминантноста на Андроид само им легна на веќе постојната истрага против нив, а не дека Епл со Иос се нешто многу подобри.

Она што на 20-ти април 2016 беше објавено како почеток на анти-монополска постапка против Гугл, започнува во мај 2010-та, кога ЕУ објави дека ќе ја истражи праксата на Гугл во онлајн пребарувањето, бидејќи верува дека Гугл протежира своите веб страни и сервиси за сметка на оние на конкуренцијата.

Оваа истрага трае 5 години, за во април 2015 ЕУ да објави дека започнува официјална постапка против Гугл, меѓутоа со многу помал опсег од она за што се започна истрагата во 2010-та. Тогаш тие најавија и дека ќе продолжат да го истражуваат однесувањето на Гугл.

Гугл во одбрана на Андроид објаснува дека оперативниот систем е отворен софтвер (иако не е комплетно, и одредени делови се недопирливо затворени), и дека како таков создава подобра околина за натпреварување меѓу оперативните системи, наспроти она што го нуди Епл.

Позицијата на ЕУ е дека тоа што Андроидот е "отворен" не значи дека не е можно монополско однесување и доминантна позиција на компанијата која ќе дозволи злоупотреба на моќта.

Бидејќи Андроид се доживува како "поотворениот" оперативен систем за смартфони, нејаснотијата е зошто ЕУ воопшто не трга на Епл и Иос, кои многу детално одредуваат колку и каде конкуренција ќе дозволат (што е нула конкуренција во уреди и оперативни системи, и многу во апликации).

"До сега барем, ЕУ не покажа никаква желба да го анализира Епл екосистемот. Нејзината подготвеност да го гони Гугл јасно ги одразува нејзините постојани напори да го регулира бизнисот со пребарување на Гугл, и веројатно верувањето дека имајќи ја предвид бројчаната доминантноста на Андроид, Гугл претставува поголема мета од Епл. Тука очигледното решение е во промената на условите на договорот - да не се врзуваат пребарувањето и Хром со Гугл Плеј и да нема никаква клаузула против фрагментирање - и ЕУ верува дека ова ќе помогне дури и кога не е јасно дека ќе постигне што било. Каде би започнала ЕУ кога наместо ова своето внимание би го фокусирале на Епл?" пишува Ренди Пикер во Верџ.

26 април 2016 - 10:28