Трите проблеми што Европа ги има со Андроид

По неколку месеци неизвесност ЕУ и официјално го обвини Гугл за монополско однесување околу Андроид оперативниот систем. Ставот на ЕУ е дека Гугл ја користи доминантната позиција на Андроид за да ги промовира сопствените апликации и производи, на сметка на конкуренцијата.

Ако биде прогласен за виновен Гугл може да добие казна од 7,4 милијарди долари и укинување на апликациите кои се инсталираат на телефонот заедно со Андроид оперативниот систем.

Трите спорни точки се следните:

1. Гугл ги присилува компаниите да ги инсталираат неговите производи
Прво, Европската Комисија истакнува дека производителите на смартфони кои го користат Андроид и сакаат да го инсталираат Плеј Стор (продавницата за апликации на Гугл) обврзани се да го инсталираат и пребарувачот на Гугл.

Како резултат на ова конкурентските пребарувачи не можат да станат основен пребарувач на смартфонот.

2. Гугл не им дозволува на производителите да инсталираат конкурентни оперативни системи
Кој било производител што сака да продава смартфони со апликации на Гугл, мора да потпише "Договор против фрагментација," кој му забранува на производителот да продава уреди со модификувани (форк) верзии на Андорид.

По основа на тоа што Андроид е опен-сорс, секој може бесплатно да направи "форк" верзија од него и да го адаптира како што сака.

3. Гугл обезбедува финансиски стимул за компаниите да ги купуваат неговите производи
Според комисијата Гугл дава "значителен финансиски стимул на некои од најголемите производители на смартфони, таблети и мобилни оператори под услов ексклузивно да го имаат однапред инсталирано Гугл пребарувачот на нивните уреди."

Заедничко за сите три случаи е дека Гугл наводно ја користи својата позиција за нефер и нелегално промовирање на своите производи за сметка на потенцијалната конкуренција.

Гугл има три месеци за формално да одговори на обвинувањата од Европската Комисија.

20 април 2016 - 14:24