Тажниот дел во возбудата околу Нокиа 3310

Вниманието што успеа да го собере воскреснатата верзија на класичниот "дамбфон" и тоа во лутата конкуренција на најголемиот светски саем за мобилни телефони, покажува дека "веќе немаш простор за унапредување на смартфони кои и онака сè прават".

Додека Светскиот мобилен конгрес во Барселона е преплавен со најнови телефони, технологија што се носи, и речиси сè што има микрочип и конективност, ѕвезда на саемот е римејк на телефон од пред 17 години.

Без разлика кој ти е ставот околу новата Нокиа 3310, дали дека е само за да се крене галама околу Нокиа, или дека индустријата веќе нема идеи, или дека ова е обид да се освојат луѓето кои се преморени од постојаната конектираност, "таа ни кажува нешто интересно за состојбата на индустријата за смартфони во 2017."

Како што објаснува Бен Вуд од ЦЦС инсајт: "Ова е апсолутно страшна прогноза за состојбата на пазарот на смартфоните штом светот е толку возбуден и опседнат со телефон со ретро можности кој беше промовиран пред 17 години".

"И во право е. Презентиран во центарот на она што треба да највозбудливиот саем за технологија на планетата, т.нр. дамбфон, е она за што сите се заинтересирани. А вистината е дека новиот Нокиа 3310 не е ништо посебно. Дамбфон на Нокиа како што со години ги произведуваше - на пример Нокиа 105, која ја произведуваат три компании: прво Нокиа, потоа Микрософт кога ја купи Нокиа, и сега ХМД Глобал, компанијата што ја има лиценцата за производство под брендот Нокиа.

Ако ХМД едноставно го промовираше она што ние денес го знаеме како новата 3310, како нова Нокиа 230, дали некој ќе свртеше око? Ама со правиот бренд и број на модел, ХМД оживеа класика за која сега зборува развиениот свет," пишува Самуел Гибс во текстот за Гардијан.

Она што му е најсимптоматично на Гибс е дека на саемот ни приближно големо внимание не привлекоа неспоредливо понапредни уреди како Сони со 4К ХДР екран, П10 на Хуавеи со двојна камера Леика, или Г6 на ЛГ направен за апликации на кои им треба поделен екран, или нов Блекбери со тастатура.

"Ова веројатно е затоа што смартфоните се станати досадни. Не е затоа што тоа не се спектакуларни машини кои станаа центар на нашите животи, туку затоа што имаат многу од многу. Секој смартфон е ист како и другиот. Има камера, екран, пушта музика, апликации и игри, го покажува интернетот на дланка и формира канал низ кој тече целиот твој живот. Ама ако го скршиш и си купиш нов, и новиот ќе прави горе-долу истото што и тој, можеби само спакуван во некоја нова боја.

Не само што производителите на смартфони мака мачат да се разликуваат меѓу себе, туку и секоја нова генерација на Сони, на Епл, на Хуавеи или на Самсунг личи речиси исто како и претходниот," пишува Гибс.

Франциско Џеронимо, директорот за истражување во ИДЦ, објаснува дека времето на големите технолошки скокови е зад нас, и дека "имаме така квалитетни уреди што стигнавме до физичките граници, што значи секој следен напредок најверојатно ќе биде во софтверот, гласовните контроли, и начинот на кој ги користиш телефоните и неговите сервиси."

3 март 2017 - 12:36