Тајниот свет на украдени смартфони

Кон крајот на мај 2012-та, во магацин на ФедЕкс во Калифорнија еден оштетен пакет се распаѓа пред очите на вработените и од него излегуваат десетици неотворени Ајфони. Вработените го контактираат Епл, од каде им потврдуваат дека станува збор за уреди кои ќе завршат на црниот пазар.

По службена должност на случајот се закачува Брајан Фичнер од единицата за еКриминал на одделот за правда на Калифорнија. Тој внимателно го отвора пакетот со телефоните, ги запишува сериските броеви на телефоните и повторно го запечатуваат пакетот. Пратката ја праќаат до крајната дестинација - Сакраменто.

Во Сакраменто таа е подигната од Васиф Шамшад, кој пакетот го носи на адреса во предградието на градот каде го превземаат Шу Лин Вен и неговата сопруга Јутинг Тан. Во истрага откриваат дека Вен е израснат во Кина и како полнолетен емигрира во САД, каде што станува натурализиран граѓанин и отвора продавница за телефони и електроника во Сакраменто. До тогаш нема никакво досие.

Фичнер испраќа детективи кои треба да го надгледуваат домот на Вен и Тан. Тие го забележуваат брачниот пар дека товара четири големи пакети во нивниот џип. Ги следат до центарот за испорака на пратки. Дестинацијата на нивните пакети е Хонг Конг. Луѓето од единицата за еКриминал чекаат двајцата да си заминат, по што ги отвораат пратките во кои има 190 комплетно нови смартфони (мнозинството Ајфон, и по некој Блекбери). Дел од сериските броеви на Ајфоните се исти со оние што Фичнер ги запиша во магацинот на ФедЕкс.

Со тек на време Фичнер ја составува сликата за целата шема:
"Посредници како Шамшад ги испраќаат во разни американски градови, каде што тие ги пребаруваат прифатилиштата за бездомници, и му нудат по 100 долари на секој што ќе земе телефон, на свое име, во некоја од локалните продавници за електроника.

Во Калифорнија оваа стока им се предава на Вен и Тан, кои ја организираат испораката на мобилните телефони до нивните луѓе во Азија. Разликата во профитот е огромна: во Северна Америка, мобилните оператори обично ја субвенционираат цената на уредот во замена за повеќегодишен договор. Со други зборови, за да го добиеме телефонот ние плаќаме само мал дел од неговата пазарна цена. Вен и Тан го искористуваат овој систем со купување Ајфони - преку посредници - за 200 долари од парче, и потоа истите ги продаваат во Кина за околу 1.000 долари," објаснува Метју Шаер во текстот за Вајард.

Според документите до кои доаѓаат Фичнер и колегите, Вен во рок од една година само преку својата сметка во ФедЕкс испратил 111 пакети во Кина. До затворање на операцијата, брачниот пар направил годишен приход од 2,5 милиони долари. Вен моментално отслужува 3 годишна казна затвор, а Тан добила една година.

Комплетната статија на Вајард тука

19 декември 2014 - 12:16