Што се случува во Епл

Бен Фарел до неодамна вработен на Епл пишува долг и детален пост објаснувајќи зошто дал отказ во компанијата, "ја предадов мојата пропусница а за возврат успеав да ги повратам мојата креативност, индивидуалност и слободно размислување."

Прво нешто за што пишува е слободата што сега ја има, објаснувајќи дека "повеќе не е дел од иКулт машинеријата чии валкани, истрошени, замастени и наивни внатрешни механизми секоја година ги вадат полираните нови Ајфони." Тој го опишува Епл како "организиран клуб на мажи каде перцепцијата е поважна од содржината, а стажот е поважен од талентот."

Фарел целата атмосфера во Епл ја доживува како обид да се манипулираат и застрашат наивните работници кои никогаш не искусиле корпоративен живот надвор од Епл. Слично чуден му е и "опуштениот" дел од работењето, кога на пијачка после работа вработените со сјај во очите ги слушаат "пијаните шефови" како им зборуваат за минатото и моќта на Епл, "апсолутно не разбирајќи како потезите на Епл влијаат на пошироката заедница на соработници, партнери, препродавачи и бизнис партнери."

Иако не изгледа така, работниот ден во Епл тече крајно корпоративно траејќи по 16 часови, исполнети со состанок до состанок. Заради поставените агенди речиси и да не постои тимски дух.

"Часови и часови се трошат на состаноци кои се подготовка за состаноци на кои се подготвуваш за други состаноци, до тоа ниво што речиси никаква работа не завршуваш. Овие подготовки - наречени 'суви тренинзи' - се состаноци за средување на впечатокот и за туркање агенди... за тоа како да оставиш правилен впечаток. Како да ги извиткаш, превртиш и полираш податоците за да ја раскажеш приказната што ти ја кажале да ја раскажуваш... а не реалноста што ја претставуваат податоците. Ако приказната не може да биде прелажана, податоците се исклучуваат," пишува Фарел.

Што се однесува до делот покриен од човечки ресурси тој објаснува дека болест, семејни проблеми или свадби воопшто не се земаат предвид. Фарел наведува случај кога морал да оди во болница со трудната сопруга, како и денот на неговата свадба, кога константно бил замаран со повици од работа.

"За компанија која тврди дека ги унапредува животите на луѓето преку технологија - тие не знаат ништо за животот. Ништо. Јас сум разочаран бидејќи го сакав Епл. Ги сакав нивните производи и го поддржував она што преставуваше Епл. За жал ѕирнав зад нивната светкава и полирана надворешност. Минав низ нивните стаклени врати и ја видов нивната култура на манипулирање, закани и политика кои ни најмалку не се совпаѓаат со вредностите кои ги проповедаат," порачува Фарел.

9 април 2015 - 10:54