Што нудеше Нокиа 3310 што смартфоните уште го немаат

Нокиа го заврши својот дел од работата и најави дека кон крајот на февруари ќе ја презентира модернизираната верзија на Нокиа 3310. Засега сите шпекулации водат на тоа дека и модернизираната верзија ќе биде „дамб“, односно типот на цигла што го имавме пред појавата на првиот Ајфон.

Ново-старата Нокиа 3310 наводно ќе чини 59 евра и ќе биде промовирана како втор телефон (за не дај боже, да не те фатат дома, за да имаш втор број за давање, за телефон за во фиока во кола, за контакт за кредит и слично).

Она што за сега се знае, е каде сè смартфоните по 10 години сè уште заостануваат зад генерацијата 2000-та.

Списокот работи што ги земаш здраво за готово сè додека не ти ги снема, почнува со неуништливоста на Нокиа 3310. Додека денешните смартфони изгледаат како резултат на голема завера на производителите на заштитни фолии, футроли и слична индустрија, 3310 беше направена како замена за ситен алат и/или ладно оружје. По десет години ракување со смартфони корисниците не ни помислуваат да побараат ни приближно издржлив мобилен уред, на она што беше стандардно во 2000-тите.

Никого не го буни како се троши батерија од над 3000 mAh на денешен смартфон (појак процесор + екран + дремење над телефонот), проблемот е што производителите и купувачите станаа помирени со тоа дека батерија на телефон не треба да ти трае повеќе од еден ден. Додека главната мантра околу батериите е безжичното полнење, производителите го успешно го игнорираат траењето на самата батерија, на пример Гугл за новиот смартфон Пиксел, не ни кажа колку трае батеријата, туку дека со новата технологија за 15 минути се полни за 7 часа работа. На Нокиа 3310 батеријата имаше капацитет од 900 mAh, и издржуваше 4,5 часа разговор, или 260 часа (11 и кусур денови) стендбај.

Тоа што 3310 не беше заинтересирана за изгледот, помага уредот да се доживува како што е наменет - како телефон, а не дел од имиџ или статус на тој што го има. Притоа, како телефон тој крајно успешно ги врши сите задачи што ги има, без да ти го одзема вниманието или времето.

„Да, супер-софистицирани модели, најновите оперативни системи, и врвни перформанси, се важни за купувачите на мобилни. Ама ако сакаш добра вредност за твоите пари - телефон што работи без да инсистира на сопствената грандиозност - а такви нема многу.

Нокиа 3310 се памети по добро затоа што имаше една убава позиција меѓу тоа што може да го направи и достапноста за купување“, пишува Емили Ферон во Њу атлас.

21 февруари 2017 - 11:36