Мрачната страна на вадењето на џекот за слушалки

Во 60-те години аудио индустријата прави апдејт на стандардот воведен во 19-от век како дел од тогашните телефонски стандарди, и постојниот 6,35-милиметарски влез го заменува со 3,5-милиментарски влез. Годинава Епл одлучи комплетно да го укине 3,5-милиметарскиот влез, и ова се базира на многу повеќе отколку само дизајнерска одлука.

Освен димензијата и сеприсутноста, трета главна карактеристика на 3,5-милиметарскиот џек е што тој е аналоген, неговата замена на новиот Ајфон ќе биде истиот влез кој се користи и за полнење на телефонот и за префрлање на податоци, чија главна карактеристика е што е дигитален.

Како што објаснуваат од ЕФФ (Electronic Frontier Foundation) со префрлањето од аналоген на дигитален сигнал, Епл одеднаш доби поголема контрола од кога и да е врз она што корисниците можат да прават со музиката и останатото аудио на Ајфонот.

За разлика од аналогниот 3,5-милиметарски влез, кој работи инстантно и ништо не го занима околу тоа што е вклучено во него (модел, тип, вид на звучници, слушалки или што и да е), Лајтнинг портот, работи поинаку. И до сега, секој што сака да произведе уред компатибилен со Лајтнинг портот (звучници, полначи и сличен аксесорис) мораше да аплицира и да плати лиценца за негово користење. Од сега, дополнување е што со вадење на аналогниот влез ќе може далеку построго да се имплементира ДРМ контролата на аудио содржините, која можеше лесно да се заобиколи токму заради аналогниот џек.

"Со други зборови, ако е не возможно да се поврзе звучник или друг аудио уред со Ајфонот без тој да биде контролиран од софтверот на Епл, тогаш постои можност големите медиумски компании да вршат притисок на Епл да го ограничи начинот на кој корисниците на Епл можат да ги користат нивните содржини," пишува Елиот Хармон во текстот за ЕФФ.

Хармон објаснува дека добрата вест во целата работа е што Епл најави дека ќе продава додаток за Ајфонот со аналоген порт (кој пак ќе мора прво да се вклучи преку дигиталниот), и "беа непопустливи дека нема да го користат новиот дизајн за ограничување на начинот на слушање."

"Меѓутоа тука и лежи проблемот: ти не би требал да зависиш од дозволата на производителот за да го користиш неговиот хардвер како што сакаш. Што ќе правиш со хардверот треба да биде ограничено од можностите на самата технологија, не од одлуките на нејзиниот производител," пишува Хармон.

10 септември 2016 - 13:08