Маск ги презентираше соларните керамиди

На една од сцените во Универзал Студиос, Елон Маск го презентираше следниот чекор од својот мастер-план: нова и зголемена верзија на Пауервол батеријата за соларна енергија, и соларни керамиди / кровови кои освен што се одлични во генерирање струја, "ќе ги направат вашите соседи љубоморни, исто како што тоа го прави Тесла Модел С паркирана во вашиот двор."

Планот на Маск е составен од три клучни точки: генерирање соларна енергија, складирање на соларна енергија и возила кои работат на електрична енергија.

Без да се навлегува во техникалиите и големата мисија на новиот производ, главно обележје на соларните плочки е што се направени да изгледаат како регуларен кров, а не да личат на чир како денешните соларни панели. Секоја соларна плочка е одделна и со големина на регуларна керамида, и ги има во четири различни верзии за да одговараат на најчестите типови кров (во САД). Од моментот на поставување тие почнуваат со создавање електрична енергија.

Соларните керамиди се направени од кварц и според Маск никогаш нема да се излитат и имаат "квази-бесконечен животен век". За да ја докаже својата поента тој пушти видео од тест со фрлање тег врз плочки од неколку различни материјали, кој покажува дека неговото "стакло" е посилно од останатите материјали. Освен повремено зачистување, крововите не бараат никакво друго одржување.

Една од куќите со поставен соларен кров

Заради стандардниот проблем на сончевата енергија, "а што ќе правиме навечер?" соларниот кров е направен да се користи заедно со Пауервол батеријата на Тесла.  Маск ја претстави 2.0 верзијата од Пуервол, која ќе чини 5.500 долари за капацитет од 14 киловатчасови, што е доволно струја за една 4-собна куќа за еден ден.

Целата презентација на Маск:

29 октомври 2016 - 11:47