Како зјапањето во телефон стана прифатливо

Новиот стандард е дека не е срамота да го проверуваш телефонот додека си со други луѓе, колку што треба да ти е незгодно да му кажеш на друг да го остави мобилниот.

Американците веќе го имаат терминот "phubbing" кој означува "фокусирање на телефонот додека си во опкружување на други" и е комбинација од зборовите "phone" и "snubbing", а од неодамна имаа и научна студија која објаснува што ги тера луѓето на вакво однесување.

Во студијата испитаниците одговарале за сопственото искуство кога биле игнорирани или кога игнорирале заради телефонот, а во предвид била земена нивната зависност од интернет, од смартфони, само-контрола и страв дека нешто ќе пропуштат. Резултатите се прилично очекувани: луѓето кои имале најголема веројатност да бидат залепени за екранот додека биле во присуство на пријатели имале ниска самоконтрола, висока стапка на страв дека нешто ќе пропуштат, и уште повисоки стапки на зависност од интернет и смартфон.

"Меѓутоа една од најинтересните работи што ги открива студијата е дека луѓето кои пријавиле дека игнорираат биле далеку поверојатно и самите да бидат игнорирани. Според авторите, има неколку причини за ова. Една е чиста одмазда - ако пробаш да збориш со некој, а тој постојано е на својот телефон, тогаш нема зошто и ти да не му вратиш во иста мерка.

Друга е што овој феномен подлежи на ефектот на лажен консензус, кога луѓето претпоставуваат дека останатите ги споделуваат нивните мислења и верувања. Ако некој мисли дека не е ништо страшно да ги провериш Твитер нотификациите за време на групна вечер, тогаш тие претпоставуваат дека и на другите тоа не им пречи, па не чувствуваат притисок да не го сторат тоа," пишува Џули Бек во текстот за Атлантик.

Без разлика од која причина започнува, ваквото однесување има домино ефект, и за кратко сите завршуваат со телефонот во рака. Повторувањето на ваквиот исход го претвора игнорирањето во стандард, и тоа почнува да изгледа помалку некултурно отколку што е.

Како што објаснуваат истражувачите од Универзитетот во Кент: "во околина каде луѓето постојано префрлаат меѓу тоа да се протагонисти и приматели на вакво однесување, нашите податоци покажуваат дека 'фабингот' станува стандард."

17 јуни 2016 - 10:38