Како се скршија наочарите на Гугл

Паметните очила на Гугл беа еден од ретките производи на светот кои успеаа да дигнат толкава фама, а производот да не доаѓа од Епл. Приказната се пумпаше неколку години за на крајот, Гугл да соопшти дека дига раце од наочарите.

Тајм ги прогласи за најдобриот пронајдок на годината, магазинот Вог им посвети профил распослан на 12 страници, Симпсонови имаа епизода за нив, ги носеше принцот Чарлс, исто како и Опра, Биојнсе, Џенифер Лоренс, Бил Мареј.....

И пред некоја недела - паф. Компанијата сооопшти дека го напушта проектот.

Луѓе кои биле вклучени во лабораторијата од која излегоа очилата велат дека не било планирано приказната да заврши така, Но, истовремено, и начинот на кој тие се појавија не бил начинот на кој приказната требало да почне.

А почнува кон крајот на 2009-та, кога тогашниот ЦЕО Ерик Шмит го ангажира генијалниот истражувач од Стенфорд Себастијан Трун да развива футуристички проекти. Тој најмува уште неколку научници со статус на рок ѕвезди и создадена е Лабораторијата Икс. На менито биле стотина идеи, од ГПС кој би работел во затворени простории до нешто што се викало Мозокот на Гугл. Но, се согласиле дека првиот голем проект треба да биде нешто што човек го носи на себе. На екипата ѝ се придружува и Сергеј Брин, човек кој знае манично да се зафати со некој проект но  по некое време наеднаш да му престане интересот за него и да се фати со друг. 

Една година успеваат да го држат тоа во тајност и никој од другите вработени во Гугл не знае што се прави во лабораторијата. Тука почнуваат разликите околу идната судбина. Иако очилата се во фаза на прототип, Брин сака да ги пушти во јавност па од реакциите и забелешките да се направи нивниот финален изглед и функционалност.

Тоа е клучниот момент во целата приказна, различните погледи на различните делови на Гугл. Оние кои се занимавале со продуктот сакале да го доразвијат пред да биде пуштен надвор, меѓутоа маркетингот бил нестрплив нешто да прават со наочарите.

Решено е правата пратка наочари да не оди во продажба туку да им се понуди (за 1.500 долари) на ограничена група тн "Гугл Експлорери", главно гикови и влијателни новинари. Тука фамата медиумски експлодира; сите пишуваат за наочарите, Сергеј Брин добива аура на Старк односно Ајрон мен...

Но, стигнуваат и проблемите. Наочарите доаѓаат во раце и на педантни критичари кои ги растураат со негативни рецензии и го прогласуваат за најлош производ на сите времиња. Истовремено, се покренува и темата за приватноста, отприлика дали е фер оној на следниот писоар да те снима со своите наочари. Големиот пронајдок на Гугл бива забранет во барови, ресторани, кино сали, казина и други места каде што луѓето не сакаат да бидат снимени.

Технолошкиот шмек на приказната го заменува таблоиден: Брин ја остава сопругата заради маркетинг менаџерка во Гугл, која ѝ е пријателка, бла, бла... А битни основачи почнуваат да ја напуштаат Лабораторијата Икс за нови предизвици.

И така доаѓаме до 15-ти јануари, моментот кога Гугл тивко најави дека проектот е исклучен од апарати. Една друга посмртница изгледа вака.

5 февруари 2015 - 10:48