Има премногу апликации и никој не прави пари

Новиот американски сон одеше фино: ќе скоцкаш апликација која прави нешто банално и ќе згрнеш тон пари. Но, податоците велат дека златната грозница е срушена за многумина и дека ако имате апликација, таа најверојатно нема да успее.

Истражување кое опфатило 10.000 случаи на луѓе кои се занимаваат со развој на апликации покажува обесхрабрувачка реалност: Два процента од девелоперите земаат половина од вкупните пари кои се вртат во тој свет. Уште пожестоко, оние што се во топ 1,6 проценти прават неколкукратно повеќе од останатите 98,4 проценти заедно. Трет убитачен факт: 47 проценти од вкупниот број не прават никакви пари, или пак земаат помалку од 100 долари месечно.

Јасно е зошто е тоа така; едноставно, ги има премногу. Во App Store на Епл циркулираат преку милион апликации и ако со некое чудо не успеете да стигнете во самиот врв, вашата апликација највероајтно никој нема да ја забележи. 

Познавачи велат дека пазарот нема да може долго да ја издржи ваквата пренатрупаност која не носи профит. Можеби е тоа добро бидејќи повеќе паметни дечки ќе престанат да сонуваат да го направат следниот идиотски "Yo" и па ќе се посветат на креирање нешто покорисно.

1 август 2014 - 13:51