Гугл се откажува од Нексус

Официјално име на проектот е Андроид Силвер, прв пат беше спомнат минатиот месец и означува сериозна промена во мобилната стратегија на Гугл, од евтини и субвенционирани телефони односно Нексус, во скапи телефони на ниво на Ајфон.

Со новите телефони Гугл планира да воведе малку ред меѓу најскапите Андроид уреди, како Галакси серијата на Самсунг и Уан серијата на ХТЦ. Тука проблемот на Гугл е што овие уреди се испорачуваат со премногу фабрички инсталиран софтвер на производителот (bloatware), што пак влијае на севкупното кориснички искуство со Андроид оперативниот систем.

Главни кандидати за изработка на новиот уред се LG и Motorola, и првите модели се очекува да бидат готови во текот на следната година. LG до сега ги правеше Нексус мобилните телефони.

За промоција на проектот се очекува дека Гугл ќе потроши околу 1 милијарда долари. Она што не им е јасно на експертите е што ќе прави Гугл со празнината што ќе се створи на пазарот на средните уреди, кога ќе ја повлечат Нексус серијата.

30 април 2014 - 16:03