Ерата на дигитални медиуми ги донесе и Трамп и Брегзит

Еден американски медиумски теоретичар има интересно гледање на порастот на новиот национализам, олицетворен во подемот на Доналд Трамп и резултатот на брегзит: Дигиталното опкружување во кое живееме не го обединува светот како што се надевавме. Напротив.

Даниел Рушкоф во теориска смисла е наследник на Маршал Маклуан а инспириран е и од неодамна починатиот футурист Алвин Тофлер (книгата му се вика "Present Shock" како реплика на Тофлеровата "Future Shock").

Неговата главна линија на размислување оди вака: Брегзит и Трамп се производи на дигиталната ера: Ако телевизијата беше за глобално обединување, интернетот го инспирира спротивното.

Како технологијата ги менува фундаменталните културни матрици покажа уште Луис Мамфорд, на примерот на гутенберговата печатница која неповратно го разби монополот на црковниот клер врз светиот збор и со тоа ги отвори вратите на ренесансата.

А Рушкоф посебно за интересира за трансферот од телевизиско во дигитално опкружување:

"Телевизиското медиумско опкружување во кое сите ние пораснавме беше глобалистичко по дух и суштина - промовираше глобални погледи, глобални пазари и глобална симултаност. Ерата на дигиталните медиуми е многу различно структуирана и различно пристрасна. Знаеме дека алгоритмите на фидовите на социјалните мрежи имаат тенденција да нè изолираат во екстремно индивидуализирани сегменти и на тој начин ние не општиме со луѓе кои имаат различни идеи од нас"

Затоа ваквото - технолошки индуцирано - "живеење со сличните", според Рушкоф, води кон слични сентименти и фикции од минатото - ќе го обновиме Калифатот, ќе ја направиме Америка повторно голема... при што тој не е најсигурен дали се работи за првенствено националистички или анти-глобалистички сентимент.

Салон: Последниве денови уште двајца црни момци беа убиени од полицијата. Луѓе кои се огорчени од пукањата велат дека иако знаат дека снимките се вредни парчиња доказен материјал, тие веќе не сакаат да гледаат такви видеа. Од каде оваа промена?

Рушкоф: Интересно е тоа. Најбитно е што луѓето сфаќаат дека технологиите и начинот на кој тие ги презентираат работите се пристрасни. Не пристрасни кон левицата или кон десницата, но сигурно имаат свои тенденции, тие промовираат одредени емотивни реакции. И луѓето почнуваат да решаваат: "Отсега јас ќе одберам како ќе се вклучам во тоа".

Цели 400 години постоеја рабини кои ја одбиваа пишаната Тора. "Тоа е орална традиција и ако еднаш седнеме и ја напишеме, тоа неповратно ќе го смени начинот на кој верата функционира". Истото се случи и со печатницата, многумина католици велеа: "Не, луѓето не можат да имаат своја Библија".

Фактот дека денес луѓе даваат отпор е знак дека разбираат како технологијата го менува начинот на нивните реакции. И сакаат попрво да реагираат со своја воља и автономно, отколку програмирано".

  целото интервју - тука