Зошто во Латинска Америка е забрането да не се гласа

Викендов и Уругвај и Бразил одржуваа избори (кај првите ќе има втор круг, кај вторите Вилма доби втор мандат) за кои заедничко е што секој граѓанин мораше да излезе на гласање. Освен овие две, во Латинска Америка има уште 11 држави во кои гласањето е задолжително (во свет се вкупно 30).

Аргументите за задолжителното гласање се дека "комплетната демократија треба да одговара на погледите и интересите на сите граѓани." Аргументите против се дека "тоа е спротивно на слободата која на прво место произлегува од демократијата."

Во студија од 2010-та, Универзитетот на Рочестер го анализира потеклото на задолжителното гласање и зошто тоа некој би го вовел како пракса. Споредувајќи ги земјите со и без, тие наоѓаат факти кои ја поддржуваат теоријата дека "колку повеќе оние што се на власт се плашат дали ќе успеат да ги извадат гласачите на избори, толку попривлечно им е задолжителното гласање. Во основа, одлуката да се прифати (задолжителното гласање) е базирана на процената на актуелните владетели дека гласачите кои апстинираат се еднакви на неискористени симпатизери."

Во Западна Европа и Латинска Америка, кога властите се соочуваат со растот на синдикатите и работничките партии, голем дел од владејачките партии воведуваат задолжително гласање. Според оваа теорија владејачките партии се обидуваат да ги соберат гласовите од тивкото мнозинство, со цел да ја заштитат својата позиција од растечката, и крајно успешна во мобилизација на масите, левичарска опозиција.

Бразил, Еквадор, Парагвај, Уругвај и Перу донесоа закони за задолжително гласање во 1930-те. Од 1950-те до 1980-те секоја од нив минува низ воена диктатура, "кога се враќа демократијата, се враќа и задолжителното гласање."

27 октомври 2014 - 10:34