Жената што живее од убивање дилери

Филипини се среде брутална пресметка со наркомрежата, иницирана од несекојдневниот претседател Дутерте. За неполни два месеца во војната со дилерите загинале околу 2.000 лица. BBC разговараше со жена што работи како платен убиец на дилери.

Под измисленото име Марија стои жена што убива дилери на дрога за хонорар што ѝ го дава државата. Досега има укнижено 5 своерачни убиства, главно со пукање во глава. Дел е од екипа што нарачки за ликвидација добива од шеф во полиција, а во која е и нејзиниот сопруг, кој ја внесол во бизнисот.

Тие двајца и нивното семејство живеат во сиромашно предградие до Манила и немаат други редовни приходи. Со оваа работа се занимава веќе две години, а нејзиниот сопруг претходно ликвидирал непоправливи должници. Добиваат по околу 330 долари за убиство, кои потоа ги делат тројца-четворица што учествувале во операцијата. Ситни пари, но мало богатство во жестоко сиромашната земја.

Нарачаните убиства во Филипини не се новост, но ловците на глави се зафатени како никогаш досега, откако претседателот на државата го исполни најрадикалното предизборно ветување што сте го чуле: дека во првите 6 месеци од службувањето ќе убие минимум 100.000 дилери на дрога.

„Не ми ја уништувајте земјата затоа што ќе ве убијам“, порача Родриго Дутерте објаснувајќи дека никаква бројка на убиени криминалци не му тежи на совеста.

Жените се особено корисни во ваквите операции затоа што полесно можат да им пристапат на таргетираните лица. Марија не мудрува многу околу технологијата на својата работа:

„Ги наоѓаме, им приоѓам и им пукам во глава“, вели таа.

А проблемот со дрогите во Филипини има пандемиски опсег, особено со високозависниот кристален метамфетамин, кој е релативно евтин и на милиони луѓе им е омилен начин да го утепаат денот и ноќта во бесперспективната земја.  

26 август 2016 - 10:55