Затвореникот Субрата Рој бара канцеларија

Несудениот македонски златен спонзор Субрата Рој сака да излезе од затвор ама за тоа му треба секретарка, канцеларија, опрема за видео конференции и уште пар неопходни деловни алатки (фикус?). И, судот најверојатно ќе му го дозволи тоа.

Рој едноставно бара да му бидат овозможени услови да ја плати кауцијата од 1,7 милијарди долари а тоа значи вообичаен бизнис сет-ап за да може да ги продава вредните имоти ширум светот.

"Не можеме да го држиме во обична ќелија и да очекуваме да собере пари за кауцијата," изјави судија од индијскиот Врховен суд и побара од Владата да се произнесе по барањата на 66 годишниот милијардер.

Шефот на индискиот конгломерат Сахара Индија Паривар во затвор е од март, откако не ја исполни судската наредба да плати отштета од 3,3 милијарди долари на измамени инвеститори кои главно биле наоѓани  во мали градови и рурални области на Индија.

А не дека нема пари. Во 2012-та беше проценет на 11 милијарди долари.

Пар престижни имоти кои би можел да ги продаде од својата затворска канцеларија:

Фамозниот Grosvenor House Hotel во Лондон, изграден 1920-та. Според Economic Times, за него би можел да добие 825 милиони долари.

Субрата поседува 74 проценти од прочуениот Plaza Hotel на Менхетен. Од него може да очекува 575 милиони долари

Со оглед на околностите во кои ќе го продава имотот, сосема извесно е дека Субрата ќе изгуби тешки милиони во ценкањето.

26 јули 2014 - 00:06