Викендов во Лондон битка за спомениците?

Автобуси полни со крајно-десничарски демонстранти наводно планираат за викендов да пристигнат во Лондон каде имаат закажано „одбрана“ на спомениците во градот, а ќе ги бранат од демонстрантите на БЛМ (Black Lives Matter) кои веќе имаат неколку соборени статуи.

Стравот на полицијата е дека викендов ќе им се случи „совршена бура“ во која стотици припадници на најразлични навивачки групи ќе излезат да ги бранат спомениците од илјадниците демонстранти на БЛМ.

Фокусот на одбраната наводно ќе биде статуата на Черчил во Вестминстер, а планот е бранителите таму да бидат во сабота наутро. Минатиот викенд додека во Бристол беше соборена статуата на Едвард Колстон, Черчил во Лондон пројде само со графит: „Черчил е расист“, а меѓу другото од БЛМ толпата беше ишкртан и споменикот на Абрахам Линколн во Лондон.

Во вторникот навивачи на лондонски Милвол го минаа целото попладне бранејќи ја статуата на Черчил на Парламентарниот плоштад, а излегоа и снимки во кои навивачи на Вест хем тепаат демонстранти по улиците на Лондон.

Официјалната организација на протестот е на ДФЛА (Democratic Football Lads Alliance), мрежа која настанува како одговор на терористичките напади во Британија во 2017, и која од противниците се доживува како крајно-десничарска група. Првите маршеви на групата успеаа да соберат и по 10.000 учесници меѓутоа таа полека ја губеше својата сила, се до појавата на последните БЛМ протести кои ја воскреснаа ДФЛА.

Поддршката за настанот „да ги одбраниме нашите споменици“ даде и активистот Томи Робинсон, политичката група Британија Прва, и уште неколку навивачки групи.

Гневот на десничарските групи еруптираше минатиот викенд и во понеделникот, откако учесници во БЛМ протестите ја соборија статуата на Колстон, го ишкртаа Черчил и се обидоа да го запалат британското знаме на споменикот на паднатиот борец во Вестминстер.

Други десничарски групи ги повикаа своите активисти да не се фокусираат само на Лондон, туку да се распоредат и пред споменици поврзани со робовладетелство низ другите градови на островот.

Минатата недела во протестите во Лондон беа повредени 62 полицајци вклучувајќи го и полицајката што беше соборена од нејзиниот коњ и која моментално е хоспитализирана.

11 јуни 2020 - 10:22