Вечност во канџите на буџетот

Руските државни телевизии прилично се напнаа откако дознаа за картонот со цртеж од оган кој стои наместо ветениот вечен оган на еден споменик за загинатите советски војници во Втората светска војна.

Споменикот е во едно село во близина на Калининград, и иако самото име му наведува на "вечен оган" истиот се распалува само за време на големи прослави и тоа по околу една боца плин за прослава.

За Росија ТВ сликата на картон изгледа како "лоша шега или тивко несогласување со споменикот."

Наспроти нив, првиот човек на регионалната агенција за културно наследство објаснува дека тоа било одлука на локалните власти, и дека "вкусовите можат да се разликуваат." Тој најави дека картонот ќе биде отстранет за време на прославата на Денот на победата (9-ти мај) и на негово место ќе биде запален оганот.

Само низ Русија има околу 4.000 вакви споменици останати од советско време, меѓутоа според Росија ТВ само околу 800 се постојано запалени.

Свесен за ваквата ситуација, Путин во 2014-та и нареди на владата да обезбеди непречени извори на плин за сите споменици со вечен оган.

29 април 2016 - 16:38