СЗО: Асимптоматско ширење на ковид-19 е „многу ретко“

Пренесувањето на коронавирусот од луѓе кои не покажуваат какви било симптоми е „многу ретко“ објави СЗО, оспорувајќи го сеприсутното верување меѓу здравствените власти и научници дека вирусот го шират и луѓе кои не покажуваат какви било знаци на заболеност.

„Се уште е реткост асимптоматска личност да ја пренесе болеста на друга индивидуа,“ изјавува раководителката на одделот на СЗО за нови болести и зоонози, Марија Ван Керкове.

Таа навела и повеќе извештаи од држави што спроведуваат детално следење (асимптоматични случаи + нивните контакти) во кои немало никаков доказ за секундарно пренесување на вирусот.

Нејзината порака е дека државите треба да се фокусираат на следење на случаите со симптоми.

„Ако ги следиме симптоматските случаи, ги изолираме нивните контакти, ги следиме контактите и ги ставиме тие контакти во карантин, драстично ќе го намалиме пренесување,“ порачала Ван Керкове.

Се очекува дополнително истражување на улогата што асимптоматските и пред-симптоматските случаи ја имаат во ширењето на болеста, „но ако се докаже дека ова е точно, тоа би имало сериозно влијание на начинот на кој здравствените власти и владите и пристапуваат на борбата за зауздување на пандемијата.“

Асимптоматското ширење беше еден од најголемите стравови на почетокот од пандемијата, заради неспоредливото отежнување на нејзиното ограничување. Токму стравот дека луѓе без симптоми можат да го шират ковид-19 беше една од причините за глобалните строги правила за социјално дистанцирање и рестрикции на патувањето, како глобално така и локално.

Заради проблемите при идентификување на асимптоматски случаи Кина спроведе тестирање на сите 11 милиони жители на Вухан, а САД и други држави се уште немаат адекватни бројки за тоа колку е раширена болеста.

9 јуни 2020 - 11:46