Шалом и мерхаба

Во Израел сосема сериозно се разгледува предлогот да се учи арапски јазик уште од прво одделение. До вчера незамисливо, вавиот предлог доаѓа од редовите на десничарската и националистичка Ликуд.

Еден пратеник на Ликуд, десничарската партија на Нетјанаху, деновиве излегува со неверојатен предлог-закон: изучување на арапскиот јазик во израелски училишта.

33 годишниот Орен Хазан, веројатно не ни очекувал да влезе во парламентот со оглед на тоа што бил 30-ти на кандидатската листа, места кои се чуваат за симболично охрабрување на подмладоците и партиските ентузијасти. Но, ночекувано убедливиот изборен успех на Ликуд го внесе и него во израерлскиот Кнесет и токму тој сега бутка образовна реформа која промовира соживот.

Неговиот предлог вклучува изучување арапски во еврејските училишта уште од прво одделение. „Како што не можете да најдете ниту еден Арап кој не знае хебрејски по 12 години формално образование, така е непојмливо да одржуваме статус кво во кое еден Евреин, со исто такво завршено образование, не знае ни збор арапски", вели Хазан.

Изучувањето арапски според него ќе им овозможи на учениците и на граѓаните да се разберат едни со други, како и повеќе да се почитуваат, „што е нужно во моменталната ситуација во Израел".

Хазан експлицитно го поврзал мотивот за овој закон со неодамна прекинатата програма за одделување на Евреите и Палестинците на автобуси на Западниот брег. Евреите кои се возат во автобуси во Јудеа и Самарија кога ги слушаат Палестинците се плашат - кога би им го разбирале муабетот, ситуацијата не би била толку тензична.

Според досегашните образовни закони арапскиот би требало да се предава три часа неделно од седмо до десетто одделение, но ваквото правило не се применува доследно, па голем број училишта воопшто и немаат настава по овој јазик.

За чудо, новите законски предлози се подржани без оглед на идеолошката позиција, од парламентарците од крајно левата Мерец, па до крајно десниот Еврејски дом. Израелскиот претседател Ривлин, кој е поранешен претседател на парламентот од Ликуд, исто така изјавил дека ја поддржува суштината на предлогот.

„Ако сакаме да градиме доверба помеѓу Евреите и Арапите мораме да работиме на позитивни идентитети на секоја од страните. Тоа најпрвин и најдобро се прави преку јазикот. Тој води од увото до срцето", изјавил Ривлин, кој зборува арапски, асоцирајќи на палестинскиот поет Махмуд Дарвиш (патем, добитник на Струшкиот венец на поезијата)

Како што стојат работите, законот на Хазан изгледа ќе помине, што би било ретка светла точка во оправањето на еврејско-арапските односи.