Русија бомбардираше американска база во Сирија

Минатиот месец руската авијација се истури на еден оддалечен гарнизон на југоистокот од Сирија, во редовна мисија на бомбардирање бунтовници. Од Вашингтон и од Лондон реагираат дека Русите знаат дека ниту мисијата е редовна, ниту дека таму имало бунтовници.

Мета на бомбардирањето е поранешен армиски гарнизон во близина на границата со Јордан кој периодов го користат американски и британски специјалци.

Специјалците имаат своја база во Јордан, од каде ја преминуваат границата со Сирија, организирајќи мисии и обука со сојузниците од бунтовниците кои се борат против Асад и ИСИС. Во нападот нема ниту еден повреден откако заради безбедносни причини специјалците не сакале да ја минат ноќта во базата во Сирија и се повлекле во Јордан, на само 24 часа пред бомбардирањето.

По првиот круг бомбардирање, централата на американската армија во Катар контактира со седиштето на руската авијација во Латакиа, за да им воочи дека базата е дел од американската кампања против ИСИС и не треба да биде бомбардирана. Речиси 90 минути по предупредувањето, Русите започнуваат со втор бран бомбардирање на гарнизонот.

Во вториот бран, пилот на американски воен авион преку однапред воспоставена врска се обидел да ги предупреди руските пилоти дека бомбардираат нивна база, меѓутоа не добил никаков одговор од другата страна.

По ова започнува преписка во која:
- Пентагон бара објаснување од Москва
- Русите одговараат дека намерно го нападнале гарнизонот мислејќи дека е на ИСИС.
- Пентагон го отфрла објаснувањето, изјавувајќи дека на руските пилоти и од воздух би им било јасно дека не станува збор за база на ИСИС заради начинот на кој таа била заштитена.
- Москва објаснува дека јорданските власти однапред го имале одобрено нападот.
- Американците ја проверуваат оваа информација, и од Јорданците добиваат одговор дека немале поим за нападот.
- Русите изјавуваат дека нивниот штаб во Сирија не бил во позиција да откаже воздушен напад затоа што американската команда не им ги пренела точните координати на гарнизонот.
- Американците одговараат дека никогаш не побарале Русите да не ја напаѓаат областа околу гарнизонот затоа што таа воопшто не е блиску до фронтот и борбата меѓу Асад и бунтовниците, и затоа што руската авијација не делувала во тој дел од Сирија.

Претставник на Пентагон за Вол Стрит Журнал објаснува дека овој и еден претходен напад врз локација на ЦИА во Сирија, се дел од кампањата на Москва да се изврши притисок врз администрацијата на Обама да се согласи на поблиска соработка со руските сили, барем во Сирија.

Договорот околу кој начелно се согласија Вашингтон и Москва, предвидува здружување на силите на двете земји и заеднички напади на ал Нусра фронтот. Дополнително, во замена за олеснување на американските санкции против Москва, Русија ќе престане со напади на бунтовничките сили поддржани од САД и ќе ги спречи нападите на сириската авијација.

Моментално се водат преговори меѓу американски и руски експерти за областите во кои Русите ќе мора да добијат дозвола од САД пред да извршат воздушен напад.