Против смртна казна за убиецот на својот син

Родителите на најмладата жртва на терористичкиот напад на бостонскиот маратон, 8 годишниот Мартин Ричард, неочекувано побараа од обвинителството да се откаже од смртната казна.

Држењето до принципот "око за око" ќе го направи целиот свет слеп.
Махатма Ганди

Утре започнува втората фаза од судскиот процес против бостонскиот бомбаш Џохар Царнаев кој пред десетина дена беше прогласен за виновен по сите 30 точки од обвиненијата за терористичкиот напад за време на бостонскиот маратон во 2013-та година.

Пред да почне да се одмерува соодветната казна за Царнаев, родителите на Мартин Ричард во отворено писмо побараа обвинителството да не инсистира на смртна казна.

Не затоа што се општо против таква казна туку затоа што на тој начин тие уште долго нема да можат да продолжат со своите животи и животите на своите други деца, исто така повредени во нападот. Мислат на целата процедура околу смртната казна: бескрајните жалби и апелации, повторените соочувања, постојаната медиумска фокусираност на случајот.... сето она што нивните две преживеани деца ќе ги држи заробени во болка и сеќавање на тоа што изгубиле тој кобен ден.

Во отворено писмо објавено во Бостон Глоуб, Бил и Денис се заблагодаруваат на органите што го превртиле секој камен за да ги фатат злосторниците но и дека оваа приказна треба еднаш да заврши:

"Сè додека неговото име е во центарот на вниманието, ние ќе живееме во негова сенка. Во оној момент кога тој ќе исчезне од насловните страници, дури тогаш ќе можеме да почнеме повторно да го градиме нашето семејство и нашите животи," пишуваат ужалените родители барајќи од Департментот за правда да ја тргне смртната казна од агенда и да се задоволи со доживотен затвор без право на помилување.

А во текот на досегашниот случај, обвинителството најмногу го користеше токму нивниот случај за да ја оправда бараната егзекуција на виновникот. Беа покажувани снимки како Царнаев се мотка позади семејството дојдено да ги поздрави маратонците, медицински експерти опишуваа што бомбата му сторила на телото на Мартин, беа извадени изгорените алишта кои ги носел за време на трагичната смрт.

Но, на семејството му е доста. Имаат тие доволно причини да не го заборават овој случај и без бескрајната процедура за смртна казна: помалата сестра на Мартин, тогаш 7 годишната Џејн остана без нога, поголемиот брат заврши во Шок, мајката денес е слепа на едно око а таткото со рани од шрапнели во нозете и наглув од експлозијата.

Во меѓувреме, и целиот Бостон полека се откажува од барањата за смртна казна и почнува да преферира доживотна робија.

"Ако го убиеме ќе го претвориме во маченик чие име долго ќе биде околу нас. Само ако го тргнеме доживотно зад решетки тој ќе се изгуби во заслужената небитност," вели еден возрасен жител кој и самиот порано бил за смртна казна на Царнаев.

Во бостонскиот напад загинаа уште две лица а 264 беа повредени.