Прикладното алиби на Обама за враќањето во Ирак

За да не излезе дека Американците се подадоа и во првиот момент кога почувствуваа дека Курдите се во сериозна опасност од ИСИС, повторно ги разлетаа авионите над Ирак, официјалниот став на Белата Куќа е - во ирачки Курдистан има Американци (војска + дипломати), и ова го правиме заради нив.

На страна официјалната изјава, она што треба да се гледа е каде е извршен првиот напад.

Двата американски авиони погодија мети во близина на Ирбил, главниот град на ирачки Курдистан, автономен регион клучен по две основи, прво, константното сојузништво со САД и второ, постојаниот мир во изминатите 11 години војна. Метата беше мобилна артилериска единица која постојано ги бомбардираше позициите на Пешмерга (курдските вооружени сили), кои беа повлечени пред Ирбил во одбрана на градот.

Според портпаролот на Пентагон, во градот "е лоциран персонал на САД." Под персонал, тие таму имаат советници за специјални операции и дипломати, кои заеднички работат во "здружениот центар за операции" во Ирбил. Меѓу активностите на центарот е процена и планирање на начините за стопирање на напредувањето на ИСИС.

"Се до оваа недела, малкумина мислеа дека постои ризик Курдистан да падне во рацете на ИСИС. Сега тоа е реална опасност. На сцена стапуваат ласерски водените ракети за првите воздушни напади кои Обама ги наредил во Ирак од повлекувањето во 2011-та. Втората рунда напади започна во петокот вечерта, тука вклучувајќи го и првиот американски напад во Ирак со дронови од 2011-та," пишува во својата анализа за Гардијан, Спенсер Акерман.

Видео од вчерашните воздушни напади:

И покрај се' администрацијата на Обама на сите начини се воздржува да изјави дека заканата за ирачки Курдистан е закана за интересите на САД. Ваквото премолчување и повторувањето дека реагираат заради загрозеноста на американски граѓани во Курдистан, му остава простор на САД да го истури својот гнев врз ИСИС, без притоа да треба да се врати во бескрајниот круг на пофаќање на сите можни проблеми што ги има во Ирак по соборувањето на Садам, и да даде некаква генерална граница во која ќе остави Ирачаните да ги решаваат своите проблеми со калифатот.

"Иако сето ова започна заради загриженоста на Обама за хуманитарната катастрофа која им се случи на Јазидите, неделава негов главен страв е ранливоста на Курдистан. Ако Курдистан падне, војната ќе биде трансформирана. Со ова ќе исчезне последниот недвосмислено про-американски бастион во Ирак. НАТО сојузникот Турција ќе се соочи со зголемена ранливост кон ИСИС. Поделената политика во Багдад ќе загуби умерена страна, а САД ќе ја изгуби последната точка за извлекување од земјата во случај Багдад да падне. ИСИС ќе биде на планинскиот праг на Иран. Прогонуваните Курди ќе бидат пред ризик за нови крвопролевања. Тивко, веќе има повици до САД да почнат да им испорачуваат оружје на Пешмерга, и очекувајте овие повици да се интензивираат," објаснува Акерман зошто Американците толку се возбудија околу Курдистан.

Според Акерман допрва треба да се види прво, дали Американците само "ќе ги бранат" своите луѓе во Ирбил или пак ќе им помогнат на Пешмерга да ги вратат изгубените позиции, и второ, дали тие ќе му го пресечат патот на ИСИС во напредувањето кон Багдад.

9 август 2014 - 12:09