Пет прашања за Путин

Рускиот претседател деновиве го имаше годишното одговарање на прашања од граѓаните во живо на телевизија (му беа поставени 2,5 милиони, одговори на 81 прашање). Украинскиот новинар Андреј Ближо има 5 прашања кои или никој не му ги поставил на Путин, или не биле ставени пред него да ги одговара.

Прво. Тој би сакал да види како ќе реагира Путин кога би бил прашан како Кремљ би одговорил кога за претседател на Руската федерација би се кандидирал човек што е обвинет за поделба на земјата? "Колку брзо би била започната кривична постапка против него по основа на сепаратизам?"

Второ. Ближо го интересира што би одговорил Путин доколку Република Бурјатија "одлучи да стане независна држава и последователно да се спои со Монголија, затоа што тие и Монголите се ист народ, иста култура и религија, и затоа што се уморни постојано да се борат за бурјатскиот да добие статус на официјален јазик во републиката."

Трето. Во оваа хипотетичка ситуација, дали Москва "ќе го поздрави губењето територија и дел од Бајклаското езеро? Нема ли руската армија веднаш да биде распоредена таму? Нема ли Бурјатите да бидат прогласени за сепаратисти и предавници на народот?"

Четврто. Украинскиот новинар го интересира и реакцијата на Путин ако "група Германци во Калининград им дадеа на тамошните граѓани на Русија германски пасош и ако германската влада им ветеше на жителите на Калининград повисоки пензии и подобри болници, за возврат за гласање на референдум за припојување на овие територии кон Германија."

Пето. Ближо го интересира и како Путин би одговорил на следната ситуација: "Ако Кинезите ги концентрираат своите сили на границата со Русија," и некои од тамошните жители објават дека сакаат да се обединат со Кина, и ако "Кинезите речат дека сакаат да го направат кинескиот втор службен јазик во овие руски територии бидејќи таму живеат голем број Кинези." Дали во таков случај Путин и руската влада "не би ги сметале овие региони сепаратистички и предавнички."

23 април 2014 - 09:48