Опсадата на Трамп

Наместо досега востановениот "Трамп доаѓа и ги растура сите со комплетна неразумност и маалски фори" тек на настаните, на последната дебата човекот беше целосно поразен (затоа што замолчен е невозможно) од двајцата противкандидати, кои цела вечер му играат два на еден.

После месеци негирање, аналитичарите и стратезите помирени со неизбежната победа на Трамп, порачуваат дека ако Рубио и Круз сакаат да го соборат Трамп "ќе мораат да експериментираат што успева кога се соочуваат против него во се погладијаторските дебати. А ова е божји дар за Демократите."

Питер Вебер од Вик проценува дека на синоќешната дебата, Рубио крајно успешно го замолчи Трамп прашувајќи го кои се неговите планови околу здравствената заштита што цело време повторува дека ги има. Кога Трамп се обиде да го сврти муабетот, Рубио уште неколку пати му го постави истото прашање.

Во друга ситуација Рубио маестрално му го врти муабетот на Трамп и го обвинува дека во изградбата на своите објекти користел мигрантски работници, и дека носи облека произведена во Мексико и Кина. По пат тој спомна и за бламот на Трамп со отворањето Универзитет.

"Рубио беше толку експедитивен околу Трамп, што Трамп не можеше доволно брзо да му реплицира, меѓутоа веројатно ударот што го измести Трамп беше алузијата дека тој го наследил своето богатство а не го создал (како што тврди)," објаснува Вебер.

Вечерта и Круз имаше по некој удар за Трамп, меѓу кои во демонстрација на смелост на милијардерот му порачува "Ти ветувам Доналд, нема ништо околу тебе што кого било би вознемирило."