Никого не го интересира Либија

Поранешните сојузници на Западот и луѓето кои ја спасуваа Либија од Гадафи, ја внесоа земјата во комплетен хаос за кој сега никој во светов не е ни најмалку заинтересиран, порачува Амнести интернешнл.

Истите милиции кои соработуваа со западните сојузници, сега се свртеа едни против други и се дел од граѓанската војна. Амнести интернешнл ги обвинува двете страни за најтешки злосторства - убиства, измачување, убивање цивили, лансирање ракети и артилериски оган во цивилни области.

Двете главни милиции кои пред 3 години го водеа нападот на Триполи, од падот на Гадафи се во постојани недоразбирања. Летово овие недоразбирања се претворија во отворен воен судир меѓу Мисурата и Зинтан.

Мисурата е групата што ја има поддршката од мнозинството исламистички милиции, меѓу кои и оние одговорни за нападот на американскиот конзулат на Бенгази. Од друга страна Зинтан, се сојузници на она што се смета за либиска армија и парламент, кои сега се сместени во источниот град Тобрук.

За Амнести решението е во постапка на Меѓународниот кривичен суд, кој е во надлежност на "истиот Советот за безбедност на О.Н. кој ги дозволи западните акции во Либија во 2011-та."

31 октомври 2014 - 16:56