Не гледај што продавам, гледај што зборам

Откако го критикуваше Катар дека го поддржува муслиманскиот тероризам, следниот (принуден) потег на Трамп беше - продажба на оружје на Катар во вредност од 12 милијарди долари.

Ова е дел од поголем договор со вкупна вредност од 21 милијарда долари што во средата во Вашингтон го потпишаа американскиот и катарскиот министер за одбрана. Со продажбата Катар ќе добие 36 воени авиони.

"Задоволни сме што можеме да објавиме потпишување на писмо за понуда и прифаќање на купувањето на F-15QA воени авиони, со почетна вредност од 12 милијарди долари.

Веруваме дека овој договор ќе ја зголеми способноста на Катар да се грижи за сопствената безбедност додека во исто време го намалува товарот врз војската на САД во борба со насилниот екстремизам," изјавил катарскиот министер за одбрана.

Стејт Департманот ја опиша оваа продажба како дел од американските напори за "засилување на безбедноста и одбранбената архитектура во регионот". Според нив продажбата нема никаква врска со сегашните натегања во регионот и блокирањето на Катар бидејќи ќе бидат потребни години за комплетирање и испраќање на порачката.

Во одбрана на сегашната администрација, продажбата беше одобрена уште во ноември 2016, додека Обама беше на функција.

Катарците во Вашингтон испратија прва постава на функционери во надеж дека ќе успеат да добијат некаква помош од САД во актуелниот проблем со блокадата на земјата од соседите.

Минатата недела, само неколку часа откако американскиот државен секретар Тилерсон повика на олеснување на санкциите на Катар, Трамп во Белата куќа изјави: "Катар за жал финансира тероризам и тоа на многу високо ниво. Дојде време да се повика Катар да стави крај на ова финансирање".

Моментално во Катар има околу 10.000 американски војници, а Катарците не заборавија да ги потсетат САД дека "кога никој не сакаше да дозволи стационирање на ваши трупи по 11-ти септември, ние дозволивме. Ги заштитивме. Саудиска Арабија побара од вас да си заминете. Не беа наши луѓето што го нападнаа САД".

15 јуни 2017 - 10:23