Извештај за случувањата во Париз

Mасакр низ улиците на Париз

Петокот вечерта шест локации во Париз беа мета на терористички напад: вооружени напаѓачи пукаа на публиката на рок концерт и на гости во ресторан; а неколку бомби беа детонирани во близина на Стад Де Франс каде што играа Франција и Германија. Оланд соопшти дека нападот е дело на џихадисти на ИСИС. Неколку часа подоцна ИСИС ја презема одговорноста.

(најновите дополнувања на веста се најдолу)

- Најмалку еден од напаѓачите имал влезница за Франција - Германија
- Во нападот се користи triacetone triperoxide, експлозив кој може да се направи од лесно достапни хемикалии
- Нападите се изведени од 3 екипи
- Напаѓачот со сириски пасош во Европа влегува преку Грција
- Белгиската полиција спроведе рација во една бриселска општина, во која уапси еден осомничен во врска со нападите во Париз. Се утврди и дека од истата општина доаѓаат тројца напаѓачи.
- 1.500 француски војници распоредени да патролираат низ Париз.
- Полска најави дека се исклучува од програмата за примање бегалци.
- Црногорец кој минатата недела бил уапсен во Баварија, веројатно поврзан со нападите.
- ИСИС ја презема одговорноста за нападите
- Оланд нападот го прогласи за акт на војна
- Контакт од македонската амбасада во Франција
- Нападот трае околу 40 минути, а го извршиле 8 напаѓачи.
- Шест нападнати локации. Најмногу жртви на концертот во Батаклан - 87.
- Над 120 убиени, најмалку 200 повредени од кои 90 во критична состојба.


Мапа на нападите

Најкрвав бил инцидентот на концертот во Батаклан, каде се убиени 87 луѓе. Сведоштвата се дека вооружени мажи отвориле оган на присутните. Дел од преживеаните сведочат дека како што француските специјалци напредувале, тројца од терористите ги активирале своите самоубиствени бомби.

"Сите трчаа од сите правци кон сцената. Беше стампедо, дури и јас бев прегазен. Видов многу луѓе како беа застрелани. Убијците имаа доволно време за барем три пати да наполнат муниција. Тие не ни беа маскирани, знаеа што прават, и беа многу млади," изјавил еден од посетителите на концертот.

57-годишен маж кој исто така бил на концертот, раскажува: "Изгледаше како воено поле. Бев на земја, насекаде имаше крв, насекаде имаше тела. Бев на спротивната страна од салата кога почна пукањето. Изгледаше како да има само двајца што пукаат. Пукаа од балконот."

Инцидентите се:

- Батаклан - 87 жртви
- Стад де Франс - непознат број
- Булевар де Шарон - 18 убиени
- Булевар Волтер - еден убиен
- Ру де ла Фонтен-о-Роа - 5 убиени
- Ру Алибер - 14 убиени.


Освен загинатите, низ градот има уште најмалку 200 повредени од нападите од кои 99 се во критична состојба (нова бројка според Ројтерс). Засега загинати се најмалку 8 напаѓачи, од кои 7 се самоубиле со бомби. Ова се првите напади на бомбаши самоубијци во Европа од нападите на 7/7 во Лондон.

Француската телевизиска станица БФМТВ објави дека напаѓачите од Батаклан извикале "Ова е за Сирија" пред да почнат со пукање.


- Гардијан ја пренесува изјавата на нивен човек кој бил на натпреварот:

"Бев на натпреварот. Некаде на средина на првото полувреме имаше експлозија. Ми беше чудно, ама тогаш се случи и втора експлозија, се тресеа седиштата, и тогаш сфатив дека нешто не е како што треба.

Бев со неколку пријатели и никој од нас не ги гледаше мобилните. Потоа кон крајот на натпреварот пријатели почнаа да ни се јавуваат.

Натпреварот се одигра цели 90 минути. До тогаш имав чувство дека сите таму знаат што се случува. Сите беа тивки. Атмосферата можеше со нож да ја исечеш. Ужасно беше.

Дел од луѓето почнаа да напуштаат ама ние мислевме дека е побезбедно да се остане на стадион.

Сепак одлучивме да си одиме. Надвор речиси и да немаше полиција. Само луѓе што се во паника. Имаше гласини дека има некој што пука, луѓе трчаа во сите правци."


- Дизниленд Париз, една од најголемите туристички атракции во Европа, одлучи денес да не отвора за посетители. Во соопштението, тие наведуваат дека ова го прават "по последните трагични настани во Франција и во знак на поддршка за нашата заедници и жртвите на овие ужасни напади."


- Либерасион објавува дека архиепископот на Париз утрово повикал на "воздржаност" во очи на "варварството" од петочните напади. Тој изјавил "нашиот град Париз и нашата држава, ноќеска беа погодени со исклучително дивјаштво и интензитет," дополнувајќи дека воздржувањето, смиреноста и самоконтролата ќе бидат клучни во следните седмици.


- Видео од новинарот на Монд, Даниел Псени, чиј стан гледа на споредниот излез од Батаклан. Самиот Псени бил застрелан во рака обидувајќи се им помогне на луѓето да се скријат во неговиот стан.


- Шив Малик од Гардијан го анализира потеклото и идентитетот на групата која ги извршила нападите:

"Се уште не е јасно дали ова е ИСИС, Ал Каеда или можно (ама на раб со неверојатно) - трета страна.

Ако ова е Ал Каеда, имајќи предвид дека тие, а не ИСИС се одговорни за нападот на Шарли Ебдо, тогаш нивната покриеност и ресурси во Франција се застрашувачкo опсежни.

Напади како овој е она што и помага на Ал Каеда да привлече финансирање и да остане релевантна за нејзините, сè помалобројни, поддржувачи низ светот. Напади како овој постигнуваат и една од главните цели на организацијата одделување на муслиманите на Западот од Западното општество.

Ако ова е ИСИС тогаш е загрижувачки во однос на нивниот досега незабележан капацитет на Западот. Ова е прв пат како тие спровеле вака голема екстремно добро испланирана акција во Европа. "


(аматерско видео од околината на Стад де Франс)


- Доктор од Париз го твитнал СМС-от што го добил целиот медицински персонал во градот.

"Претставете се во вашата најблиска болница и помогнете како што умеете. Ако не сте им потребни во вашата локална болница, потребна е помош во следниве болници: Bichat, Pitié Salpêtrière, HEGP, Lariboisière."


- Францускиот претседател соопшти дека нападите се дело на џихадистите на ИСИС, и дека ова е "објава на војна". Тој прогласи вонредна состојба, и побара дополнителни 1.500 полицајци да бидат распоредени на улиците на Париз.


- Нападите во Париз подредени по време на случување:
21:20 - прва експлозија на Стад де Франс
21:25 - отворен оган на улицата Бишат
21:29 - отворен оган на авенијата на Републиката
21:30 - втора експлозија на Стад де Франс
21:38 - отворен оган на улицата Шарон
21:43 - експлозија на булеварот Волтер
21:49 - отворен оган во Батаклан, а потоа и експлозии
21:53 - трета експлозија на Стад Де Франс
22:00 - отворен оган на булеварот Бомарше

(виа @AgnesCPoirier)


- Германските медиуми известуваат за апсења во Баварија поврзани со нападите во Париз. Додека француските и белгиските медиуми споменуваат постоење на белгиска врска во организирањето.

виа @BBCkatyaadler


Војници пред францускиот парламент

- Обраќањето до нацијата на Претседателот Оланд:

"Она што вчера се случи во Париз и Сен Дени е акт на војна и оваа држава мора да ги донесе вистинските одлуки за да ја извојува оваа војна. Овој акт извршен од терористичката армија, Исламската држава, е насочен против она што сме ние, против слободна држава која му се обраќа на целиот свет.

Ова е акт на војна подготвуван и планиран надвор со надворешна инволвираност, што истрагата треба да ја открие. Ова е акт на апсолутно варварство. Франција ќе биде безмилосна во одговорот кон Исламската држава.

Во овие болни и сериозни времиња, кои се толку одлучувачки за една држава, јас повикувам на единство, на колективен дух и студени глави. Во понеделник ќе се обратам пред парламентот во Версај.

Франција е силна, па дури и ако е ранета, таа повторно ќе се издигне. Дури и ако сме ожалостени, ништо нема да ја уништи.

Франција е моќна, храбра и ќе го порази ова варварство. Историјата нè потсетува на ова, а силата која денес ја имаме треба сите нас да не убеди во тоа.

Мои сонародници, ја браниме нашата татковина и многу повеќе од тоа, вредностите на човештвото, и Франција ќе го понесе товарот на својата одговорност."


 - ИСИС ја презема одговорноста за нападите. Акцијата е подолго време планирана и е извршена од нејзини членови бомбаши самоубијци, кои дополнително се опремени со автоматско оружје.


- Во соопштението, објавено на француски и арапски се вели "војниците на Калифатот ја нападнаа престолнината на гнасата и перверзијата."

Понатаму продолжува:

"Осум наши браќа носејќи појаси со експлозив и оружје, нападнаа области во срцето на француската престолнина, кои однапред беа специјално избрани: Стад де Франс за време на натпреварот против Германија на кој присуствуваше и имбецилот Франсоа Оланд; Батаклан каде стотици идолопоклоници заедно беа на забава на перверзија, како и други мети во 10-та, 11-та и 18-та област.

Франција и оние кои го следат нејзиниот пат мора да знаат дека остануваат примарни мети на Исламската држава."

Тие ги објаснуваат нападите како одговор на навредите против Пророкот Мухамед, и на француските воздушни напади врз територијата на ИСИС.

"... откако се осудија да го навредат нашиот пророк, фалејќи се како се борат против Исламот во Франција и напаѓајќи ги муслиманите во Калифатот со нивните авиони кои никако не им помогнаа на смрдливите улици на Париз.

Овој напад е само почеток од бурата и предупредување за оние кои сакаат да ја научат лекцијата."

(комплетното соопштение на француски, тука)


- АП и француските телевизии ја пренесуваат изјавата на двајца француски полициски функционери дека кај еден од бомбашите самоубијци на Стад де Франс е најден сиријски пасош.


- Германските медиуми пренесуваат дека минатата недела во Баварија е уапсен маж со автоматско оружје и експлозиви, за кого тврдат дека е поврзан со нападите во Париз. Полицијата не ја потврдува оваа информација:

АФП пренесува:

"Мажот кој минатата недела беше уапсен во јужна Германија, во чиј автомобил е најдено оружје меѓу кое автоматско оружје и експлозив 'најверојатно е поврзан со напаѓачите од Париз,' пренесоа германските медиуми.

Полицијата во Баварија го потврди апсењето од 5-ти ноември за време на рутинската проверка на автопат, објаснувајќи дека во возилото на осомничениот се најдени 'голем број автоматско оружје, пиштоли и експлозиви'.

Сепак, портпаролот на полицијата не ја потврди поврзаноста со петочните напади во Париз во кои загинаа над 120 луѓе, изјавувајќи 'не можам да кажам што тој планирал со оружјето'.

Фокус Онлајн известува дека човекот бил од Црна Гора и дека одбил да зборува додека е во притвор, и немал најмено адвокат за одбрана."


- Шив Малик од Гардијан го анализира соопштението на ИСИС.

"Логото и дизајнот на изјавата одговараат со претходните формални изјави од нивната централна канцеларија за медиуми. Централната канцеларија обично е вклучена во соопштенијата околу големите напади, како што беше Тунис на почетокот од годинава и шиитската џамија во мај.

ИСИС исто така објавија и аудио снимка од нападите во Париз. Во однос на содржина, 6-минутиниот клип е само читање на соопштението.

Клипот беше направен и продуциран во ист формат како и претходните снимки - на пример на почеток ја користат иста воена песна. Изгледа ИСИС го ангажирале и истото момче за да го прочита соопштението како и претходно.

Чарли Винтер, безбедносен аналитичар кој има изгледано и слушано илјадници парчиња ИСИС пропаганда речиси и да нема сомнеж дека станува збор за автентично соопштение.

Според него, од септември ИСИС се префрлил од користење Твитер на енкриптираната апликација Телеграм за споделување линкови од своите соопштенија. Тој го забележал ова соопштение како се шири од корисничките профили кои претходно ги има верификувано.

Тој објаснува дека ознаката 'Исламска држава Франција' исто така не е нешто невообичаено. Според Винтер, кога тие немаат официјален вилает или гувернат на областа која е во прашање, тие само одат на именување на државата која е во прашање, а извршителите ги нарекуваат 'војници на калифатот'. Ова не значи дека изјавата сама по себе и издадена од филијала на ИСИС во Франција.

Она што Винтер се уште не може да го утврди е дали нападите се инспирирани или диригирани. Во изјавите и на француски и на арапски нема дополнителни информации за нападите и изгледа дека се 'составени набрзина' што исто така не е нешто невообичаено."


- Снимка на продуцентот на Скај Њуз од навивачите на Франција како ја пејат националната химна додека се евакуирани од Стад де Франс:


- Либерасион објавува дека полициската акција за заземање на Батаклан траела две минути од моментот кога станало јасно дека напаѓачите внатре почнале да ги убиваат заложниците.

Акцијата ја предводеле анти-терористичката единица РАИД и полициската единица БРИ. Овие вторите наишле на двајца живи терористи кои отвориле оган на полицијата.


- До сега меѓу жртвите идентификувани се следните странци:

- двајца Белгијци
- двајца Романци
- еден Швеѓанец
- две Тунижанки (сестри)
- еден Британец
- една Американка

Дејвид Камерон порача дека јавноста мора да биде подготвена и за британски жртви во Париз.


- Mакедонска амбасада Франција

адреса:
21, rue Sebastien Mercier 75015

телефон:
331 45 77 89 63
331 45 77 10 50
331 45 77 85 77
331 45 77 10 73

меил:
paris@mfa.gov.mk


- Две дополнувања на претходни информации:

1. Премиерот на Баварија изјави дека има "основани сомненија" за поврзаност меѓу уапсениот 51- годишен државјанин на Црна Гора и организирањето на нападите во Париз. Претходно полицијата ги отфрлаше ваквите тврдења од медиумите.

2. Покрај сирискиот, кај остатоците на терористите најден е и еден египетски пасош. Дополнително, париската полиција потврдува дека еден од напаѓачите е француски радикал кој одамна им е познат и кој бил идентификуван по отисоците.


- Каза Ностра ресторанот во кој 5 луѓе беа убиени од еден од 8-те напаѓачи.


- Давид Мартело, истиот пијанист што ја отсвири "Imagine" пред канцелариите на Шарли Ебдо, на Мајдан, на Таксим и во Авганистан, сега со се појави со своето пијано пред Батаклан.


 - Полска објави дека по случувањата во Париз повеќе нема да прима бегалци според претходно утврдениот европски договор.


- Иан Трејнер од Гардијан го анализира апсењето во Германија и неговата поврзаност со нападите во Париз.

"51-годишниот Црногорец уапсен во Германија откако е откриено дека неговиот автомобил е полн со оружје и експлозиви, се поврзува со организирањето на нападите во Париз. Мажот е уапсен во Баварија во близина на австриската граница, на 5-ти ноември.

Под хаубата на неговиот Фолксваген Голф е пронајден пиштол, што ги алармирало полицајците, пренесува еден радио ветеран и респектабилен локален новинар цитирајќи ги тамошните полициски извори.

Баварската влада го потврди извештајот, изјавувајќи дека министерството за внатрешни 'интензивно истражува, заедно со француските власти, дали имало некаква поврзаност со настаните во Париз.'

Јоаким Херман, министерот за внатрешни на Баварија изјави:
'Некој што транспортира неколку калашникови, рачни гранати и експлозиви може да доаѓа од сериозен криминален сектор. Меѓутоа нема никакви причини да се сомневаме дека ова е поврзано со терористички намери, или некој што ги снабдува терористите со оружје.'

Проверката на мобилниот на уапсениот и ГПС-от на неговиот автомобил покажале дека тој бил на пат кон Париз, објавуваат германските медиуми.

Откако полицијата го запленила возилото, тие го целото го демонтирале за во него да откријат неколку автоматски оружја, 200 грама ТНТ, рачни гранати и муниција внимателно скриена во каросеријата на автомобилот.

Според извештајот Баварците веднаш ги информирале француските власти околу апсењето."


- Мари Ле Пен лидерката на десничарскиот Народен Фронт, збореше на телевизија и повика:

"Еднаш засекогаш Франција мора да ја преземе контролата на сопствените граници.

Муслиманските фундаменталисти мора да бидат уништени, радикалните џамии мора да бидат затворени а радикалните свештеници протерани. На француските терористи мора да им биде одземено државјанството и да бидат протерани од оваа држава."


- На Стад де Франс биле присутни околу 1.000 волонтери и припадници на службите за вонредни ситуации кои биле дел од спасувачките екипи по падот на авионот на Џерманвингс на Алпите. Таму биле во организација на Луфтханза, која решила вака да ги почести во знак на благодарност за помошта при несреќата.


 - Францускиот министер за внатрешни работи, на новинарите им соопштил дека дополнителните 1.500 војници ќе бидат распоредени да патролираат во центарот на Париз.


- По вестите за можна бриселска врска, попладнево РТБФ и РТЛ објавија дека белгиската полиција извршила рација во една од бриселските населби, во која е уапсен еден маж.

Тројца од убиените напаѓачи доѓаат од истата бриселска општина (Моланбек) во која беше извршена рацијата.

(виа @TV5MONDEINFO)


- Сирискиот пасош најден кај еден од напаѓачите му припаѓа на бегалец кој во Европа влегол преку Грција.

"Сопственикот на пасошот на 3-ти октомври минал преку островот Лерос, каде бил идентификуван според правилата на ЕУ," изјавил Никос Тоскас, грчкиот заменик министер за полиција.

Полициски извор за Ројтерс соопштува дека откритието следува откако од европските држави било побарано да се провери дали го имаат регистирано сопственикот на пасошот.

Пасошот е откриен по серискиот број. Заедно со ова грчките власти на Французите им ги испратиле и отисоците од прсти и дланка, на човекот кој го имал пасошот. Сега останува на француските власти да ги споредат овие отисоци со отисоците од мртвиот напаѓач.


 - Oд безбедносни причини германската репрезентација петокот вечерта не се вратила во хотел и преспала на Стад де Франс.


- БиБиСи пренесува дека напаѓачите биле дел од самоодржувачка келија која патувала во Сирија.


 - Во понеделник во 10 часот (по наше време) ќе се одржи минута молчење во сите земји членки на ЕУ.


- Јавниот обвинител на Париз, на прес-конференција соопшти дека во синоќешните напади се убиени 129 лица, а 352 се ранети, од кои 99 се уште се во критична состојба.

Обвинителот спомна и дека во еден од нападите е искористен црн Сеат по кој и понатаму се трага.

Почетните процени се дека нападите ги извршиле "три координирани тимови". Тој ја корегираше бројката, и изјави дека во нападите учествувале 7 а не 8 напаѓачи. Еден од напаѓачите бил од париските предградија и бил познат по неговото криминално минато.

Тој потврди дека во саботата наутро биле уапсени тројца луѓе, вклучувајќи и еден на француско-белгиската граница.


- Њујорк Метрополитен Опера, предводедна од Пласидо Доминго, ја изведува француската химна пред почетокот на Тоска.

(виа @unamplified)

(виа @mathieu_gallet)


 - Според парискиот јавен обвинител напаѓачите кои извршиле самоубиство на себе го имале експлозивот ТАТР (triacetone triperoxide). За него е карактеристично што може да се направи со лесно достапни хемикалии и прилично евтино. Овој експлозив е тежок за детектирање со полициски кучиња и преку останати конвенционални мерки.


 - Вол Стрит Журнал објавува дека еден од напаѓачите се обидел да влезе на Стад де Франс. Тој имал карта за натпреварот, и кога на влезот бил запрен за проверка тој почнал да се враќа наназад по што го активирал самоубиствениот појас полн со експлозив и клинци.

Приказната ја потврдува и еден полицаец, според кој целта на бомбашот самоубиец била да влезе на стадионот, каде што требало да ја активира бомбата за да предизвика смртоносно стампедо.


- Претседателот на Германската фудбалска асоцијација, Рајнхард Раубал, ги пофали француските фудбалери "за вонреден гест на другарство" откако во петокот вечерта одбиле да го напуштат Стад де Франс и наместо тоа во знак на солидарност одлучиле вечерта да ја минат со германските фудбалери.

"Французите рекоа дека ќе бидат тука се додека Германците треба да останат," изјавил Раубал.

Вечерта фудбалерите од двете репрезентации ја минале на душеци, а до хотелот на Гермнаците биле испратени неколку празни комбиња за да ги соберат торбите и останатиот багаж на гостинската репрезентација


Дополнително:

- Како се случуваа терористичките напади во Париз

- Која е групата што имаше концерт во Батаклан?

- Извештајот на Оффсајд за синоќешните напади

- Солидарност за Париз

14 ноември 2015 - 09:39