Над 400 полицајци во рација на радикална џамија во Германија

Ноќеска германската полиција изврши рација во џамија во градот Хилдесхајм, и во осум станови на членовите на бордот на организацијата која управува со џамијата, откако тие се идентификувани како жариште на радикалниот салафизам во Германија.

По акцијата, министерот за внатрешни работи на Долна Саксонија, објасни дека членови на организацијата, ДИК Хилдесхајм, се радикализирани а дел од нив биле и мотивирани да патуваат во воените зони и да се борат за џихадистичката кауза, односно ИСИС во Сирија и Ирак. Џамијата често пати имала и говорници кои поттикнувале "омраза кон неверниците."

"Ние нема да прифатиме салафистичките групи и нивните симпатизери да ги игнорираат нашите правила, или да го ставаат под знак прашање нашиот уставен поредок, додека истовремено се обидуваат да убедат млади луѓе да одат и да се приклучат на самопрогласената ИС. Ние ќе се бориме против ова со сите правни средства што ги имаме на располагање," изјавил министерот Борис Писториус.

Според полицијата, целата акција е планирана веќе неколку месеци, и само се поклопува со неодамнешната серија на напади на луѓе од муслиманска вероисповед.

28 јули 2016 - 13:27