Лаптопот на ИСИС

Запленет од умерени сириски бунтовници, преку локални посредници во Турција, магазинот Форин Полиси стига до лаптопот на Тунижанецот Мухамед С., поранешен фан на Селин Дион, сега посветен на џихад и масовно труење луѓе.

На лаптопот има 146 гигабајти податоци, и на страна музиката од Селин Дион и рецептите за мус од банана, службениот дел е одбран микс од говори на џихадистички лидери, нео-нацистички фермани и упатства (меѓу кои и официјални од американската армија) за различни видови војување.

Најголемиот дел од фајловите се симнати од интернет и меѓу нив има работи како 20-минутен клип од членот на американската нацистичка партија, Курт Саксон, за тоа како можеш да направиш отровот од рицин.

Во папката "експлозиви" има под-папка "терористи" во која има уште една под-папка именува "џихадисти." Во неа има околу 206 документи, меѓу кои и публикации од западни автори како How to Make Semtex, Chemistry and Technology of Explosives, CIA Improvised Sabotage Devices и The Car Bomb Recognition Guide.

По содржина документите не се ограничени на џихадистички видеа и публикации, па меѓу нив има The Terrorist's Handbook, The Anarchist Cookbook и нео-нацистичката книга The White Resistance Manual. Од американската армија, Мухамед има собрани 51 документ достапен на интернет, меѓу кои Sniper Training: U.S. Field Manual и U.S. Army -- Psychological Operations Process Tactics, Techniques, and Procedures.

Од џихадистички благонаклонетата литература најдени се The Mujahideen Explosives Handbook и The Mujahideen Poisons Handbook.

Лаптопот содржел и повеќе документи со опширно истражување на претходните џихадистички терористички напади. Фајлот "Ал-Каеда Ерлајнс" содржи видеа од нападите во Лондон на 7-ми јули 2005-та, и 11-ти септември во Њујорк и Вашингтон. Во друг документ од 206 страни со наслов "Белезите на Ал-Каеда" содржани се џихадистичките анализи на нападите на Бали, Мадрид, Лондон, и неуспешната акција со бомба во чевла во меѓународниот лет за Мајами.

Од џихадистичките говори, омилен лик на Мухамед му е Јеменецот Анвар ал-Авлаки, а има и од Осама, сегашниот лидер на ал-Каеда, ал-Завахири, и поранешниот лидер на ал-Каеда во Ирак, ал-Заркави.

Меѓу упатствата има и совети за тоа како да останеш незабележан додека се подготвуваш за света војна, како да се облекуваш и како да фалсификуваш пасоши. Во сите овие совети како главна опасност се провлекуваат мобилните телефони кои во еден документ се опишани како "носење подвижен шпион со тебе."

Од лаптопот се гледа дека Мухамед радикално го менува својот живот некаде околу 2011-та. Исто така има докази дека туниските власти и родителите на Мухамед биле свесни за неговата промена. На компјутерот најдена е и рачно напишана белешка од 22-ри април 2013-та од таткото на Мухамед и со печат од Министерството за внатрешни работи на Тунис. На нејзе пишува: "Сложен сум во име на мојот син Мухамед С. да ја платам цената за која било штетата што би ја предизвикал, каде и да се наоѓа."

15 септември 2014 - 10:04