Кругот на Путин

Во март, САД ја ставаат Банка Русија на списокот за санкции. Инспирирани од ова Русите прво трансакциите од пазарот за струја ги префрлија да одат преку оваа банка (околу 2% БДП-то), а потоа истото го направија повеќе државни корпорации, локални власти, па дури и Црноморската флота во Крим. Русите намерно префрлија дузина вносни сметки во малата банка, ама и Американците не ја одбраа случајно баш неа.

Банката е во сопственост на еден пријател и поранешен колега на Путин од времето кога работи во Санкт Петербург, и според Њујорк Тајмс таа е олицетворение на капитализмот на Путин "кој лојалистите ги претвори во милијардери чие влијание врз стратешки сектори од економијата му помогнаа да ја одржи својата контрола на власта." Баш заради ова и санкциите на Американците беа форматирани за да ја тестираат издржливоста на економскиот и политичкиот систем на Путин.

"Проткаена длабоко во системот на Путин е банката Русија. Основна како најмалата банка во самракот на Советската ера, банката Русија, преку неверојатна, прикриена експанзија поддржана од дарежливоста на државата, сега има речиси 11 милијарди долари во имот. Контролира огромна финансиска империја која ги има пуштено своите пипци низ економијата, вклучувајќи и голем удел во најмоќниот приватен медиумски конгломерат. Колку добро ќе преживее банката во време во санкции ќе биде барометар за тоа дали економскиот притисок е доволен за г-дин Путин да се повлече," пишува Њујорк Тајмс во својата анализа.

Анализирајќи го кругот на Путин, Њујорк тајмс, ги споменува следните луѓе:

- Јури Ковалчук, претседател на бордот и најголем акционер во банката Русија. Мета на санкции. Ја води инвестициската група која ја купува банката по распадот на СССР. Член на Езеро дача колективот, збир на крајбрежни куќи, кој во 1996-та го формира Путин со уште неколку пријатели. Се проценува на околу 1,4 милијарди долари.

- Генадиј Тимченко има удел во повеќе хемиски, енергетски и градежни компании, како и банката Русија. Основач на нафтениот гигант Гунвор Груп, и го продава својот удел во компанијата пред администрацијата на Обама да воведе санкции против неа. Се проценува на околу 14,5 милијарди долари.

- Андреј Фурсенко, висок советник на Путин, со кого соработуваат уште од времето на Санкт Петербург во 90-те. Тој и брат му Сергеј се меѓу првите инвеститори на банка Русија. Член на Езеро дача колективот.

- Владимир Јакунин, претседател на Руски железници, најголемиот работодавец во Русија. Мета на санкции. Еден од првите инвеститори на банка Русија, и член на Езеро дача колективот.

- Игор Сечин, претседател на Роснефт, државната нафтена компанија. Мета на санкции. Соработник на Путин уште од времето на Санкт Петербург. Му беше заменик премиер на Путин од 2008-ма до 2012-та. Нето вредност 169 милиони долари.

- Матијас Варниг, служи на бордот на корпорации кои доминираат на руските сектори за енергија, алуминиум и банкарство, вклучувајќи ја и банката Русија. Член на Стази, тајната полиција во Источна Германија, каде што го запознава Путин. Двајцата тврдат дека подоцна се сретнале и станале пријатели во Санкт Петербург.

- Сергеј П. Ролдугин, уметнички директор на Куќата за музиката, академијата за класични музичари во Санк Петербург. Човекот е успешен челист и музичар. Во разговор со весникот објаснил дека воопшто не е бизнисмен, и дека "секако немам милиони." Наспроти ова, на хартија, неговото богатство вреди околу 350 милиони долари, затоа што пред години, купил акции од една мала банка управувана од луѓе блиски до неговиот стар пријател Владимир Путин. Ролдугин со Путин се запознава уште во 70-те, и тој е кум на најстарата ќерка на рускиот претседател - Марија.

Што се однесува до банката, претседателот на бордот, Ковалчук, објаснува дека резултатите се должат на здрави и разумни инвестициски и бизнис одлуки. Во бројки, капиталот на банката за време на вториот мандат на Путин се зголемува за десет пати. Еден од клучните потези на банката е што успева да купи имот, по најниски можни цени, кој претходно и припаѓал на државната енергетска компанија - Гаспром. Според повеќе поранешни високи функционери (министри и заменик премиер) вкупната вредност на имотот исцеден од Газпром изнесува околу 60 милијарди долари.

Целата опсежна сторија на Њујорк тајмс за кругот на Путин ја имате тука

13 ноември 2014 - 15:12