„Контрасамит“ на европската крајна десница

И покрај фабрички вградената нетрпеливост кон странците, европската крајна десница успева да се издигне над редовната непродуктивна омраза на својот прв сосед, и наместо тоа почнува вмрежување и соработка со „колегите“ од другите европски земји. Па ако до сега само си честитаа на избор на секој можен советник во градски совет, во сабота за прв пат сите тие ќе се сретнат на самит.

Закажан за 21-ви месецов, во Кобленц ќе се одржи она што Алтернативата за Германија го нарекува „Европски контрасамит“.

Меѓу „ѕвездите“ на самитот ќе бидат австриската Партија на слободата, италијанската Северна лига, чиј лидер е силен анти-ЕУ поборник и познат по навредите за малцинствата, германската Алтернатива за Германија, која победи на неодамнешните регионални избори и е еден од главните противници на канцеларката Меркел, холандската Партија на слободата и францускиот Национален фронт.

На самитот се очекува да присуствуваат околу 1.000 кандидати, вклучувајќи ги Мари ле Пен и Герт Вилдерс, а се знае дека нема да биде присутен Шпигел и уште неколку дневни весници. Според организаторот на настанот, ним им е забрането присуството бидејќи како медиуми биле „пристрасни против партиите што ќе бидат претставени на самитот и нема да објавуваат вистинити извештаи“.

16 јануари 2017 - 15:46