Колку се заработува од киднапирање луѓе?

Бизнисот со киднапирање и последователна продажба на киднапираниот е вториот по големина извор на пари за терористичките организации. Пред него се само спонзорствата од државите, а зад него заостанува ограбувањето банки, приватните спонзорства и други форми на собирање пари.

Весникот на арапски јазик Ал-Хајат објави интервју со поранешен затвореник на ИСИС кој раскажува дека неговите киднапери барале по 100.000 долари откуп за двајца Ерменци.

Според текст објавен во Њујорк Тајмс денес ИСИС имаат приходи од околу 1 милион долари дневно (од различни основи), меѓутоа пред да ја контролира денешната територија нивен главен извор на пари биле киднапирањата.

Катар е главен соговорник на ИСИС во ослободувањето на заложници. Во април 2014-та излезе извештај во кој се тврдеше дека токму Катар е "неименуваната држава од Персискиот залив" која помогнала да се договори исплатата на сериозна сума по која беа ослободени 4 француски новинари.

Катарците ги исплатиле и 4-те милиони долари за ослободување на 13 калуѓерки од сириските џихадисти од групата Џабхат ал-Нусра, како и откупот од 20,4 милиони долари за ослободување на 4 заложници од ал-Каеда. Катар обезбеди и ослободување на американскиот офицер Боув Бергдал кој 5 години беше заробеник на Талибанците.

Што се однесува до Фоли, процените се дека е малку веројатно дека неговиот живот би можел да биде спасен со откуп, бидејќи тој би им бил покорисен на ИСИС за постигнување поента околу сопствената суровост.

21 август 2014 - 15:09