Кој беше човеков што одржа претседателски говор пред Конгресот?

Атлантик пишува "Трамп го смени тонот", Вашингтон пост и Л.А. тајмс го забележуваат истото околу тонот, Бизнис инсајдер пишува дека Трамп го има својот прв претседателски момент.

Она што најмногу ги воодушеви противниците на Трамп, барем во меѓународните односи, е давањето поддршка на американските сојузници низ светот, за кои се до ноќеска Трамп најавуваше дека ќе треба да почнат сами да му ја мислат за себе (без разлика дали тоа се НАТО партнери или партнери од Блискиот Исток).

До сега Трамп застапуваше идеологија што се залага за изградба на моќна Америка, која е сила сама за себе, а не "управител на помали сили кои заради блиски односи со Вашингтон се мини-хегемони во своите региони".

Оваа идеологија е спротивна на идеологијата за американската исклучителност инаку застапувана од сите претседатели на САД по 1990, кои промовираат глобален поредок каде една земја, САД, е главен управител во сите клучни аспекти (воено НАТО, финансиски ММФ...) во светот.

"Идеологијата на американската исклучителност исто така го става САД во позиција на 'глобален полицаец' кој би имал право (односно си зема за право) да користи и сила во обликување на светот.

На пример, претходниот американски претседател Барак Обама беше типичен претставник на идеологијата на американската исклучителност, вклучувајќи ја и 'глобално полициската улога'. Заради тој факт, тој ја одобри воената интервенција во Либија, масовната дестабилизација на Сирија, убивање со дронови низ Јемен и.тн," пишува Марјановиќ во текстот за Адвенс.

Главниот проблем на позицијата на Трамп е што иако е прилично застапена во САД барем по бројот на поддржувачи, слаба е со политичка поддршка, медиумски и финансиски.

Втората работа по која Трамп сериозно се разликува во однос на претходните претседатели на САД се неговите позиции кон сојузниците, "чии постојни структури се изградени токму врз односот кон САД и односот на САД кон нив. Ако тој однос се обидеме да го опишеме во наједноставни можни црти би можеле да кажеме дека всушност се работи за трампа - тие земји и нудат лојалност на Америка, во замена за американска заштита."

Според Марјановиќ причината зошто синоќешниот говор на Трамп, "утрово ќе биде поздравен од (инаку гневните) медиуми како неговиот 'прв добар говор' е затоа што тој мириса на корпоративна Америка каква што опортунистичкиот свет и тоа како ја засакал и тоа како ја користи".

1 март 2017 - 12:22