Кинескиот јуан стана официјална валута во - Зимбабве

Откако Пекинг реши да им ги прости долговите, Зимбабве реши да се оддолжи со прогласување на јуанот за една од официјалните валути во земјата.

Земјата на Викториините водопади и на Мугабе во 2009 заради хиперинфлација го укина својот долар и почна да работи со странски валути. Сега на тој список е ставен и кинескиот јуан.

Американски долар, јужно-африкански ранд, боцванска пула, британска фунта, евро, индијски рупи, австралиски долари и јапонски јени се валутите кои станаа официјални во Зимбабве откако инфлацијата во земјата достигна 80 милијарди проценти (!?) при крајот на 2008.

Сега, откако Пекинг потврди дека ќе ги прости долговите од 40 милиони долари, кинеската ќе стане уште една официјална валута, што се смета дека ќе ја подобри трговската размена со Кина.

„Кина ќе ги анулира нашите долгови кои достасуваат оваа година, а ние сме во процес на финализирање на должничките инструменти и пресметување на долговите", изјавил министерот Патрик Шинамаса. Иако тој го најави влегувањето на јуанот во економијата на земјата, тој сè уште не е одобрен за јавни трансакции, на пазар на кој сè уште доминира американскиот долар.

Кина е најголемиот трговски партнер на Зимбабве, по изолацијата којашто оваа држава ја доживеа од нејзините поранешни трговски партнери, а заради прекршување на човековите права во земјата.

На почетокот на овој месец кинескиот претседател Кси Џинпинг беше во Зимбабве, што е редок случај на посета на странски висок политичар на оваа земја. Тој потпиша повеќе договори, главно врзани со обновата на инфраструктурата, особено на електричните централи.

22 декември 2015 - 11:37